Италијански дизајнер ја претстави својата визија за реинкарнација на Lancia Delta S4 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Италијански дизајнер ја претстави својата визија за реинкарнација на Lancia Delta S4

Најновиот концепт за нова генерација на Delta јасно кажува дека сеуште се силни симпатиите кон најпопуларниот модел на Lancia.

Иако Lancia во минатото важеше како бренд кој располагаше со возбудливи спортисти, за жал денес произведува само еден градски мини-компакт – Ypsilon. Сепак, тоа раѓа посебна желба кај автомобилските дизајнери да создадат своја визија за реинкарнација на некој од нивните славни модели од историјата.

Таков е и случајот кај Италијанскиот дизајнер Себастијано Чарча, кој е разочаран со денешната гама на модели на Lancia и добил идеја за визуелизација на нејзин модерен наследник. Според него, моделот Delta секогаш бил икона, нешто како Свет Грал кој не може да се замени, но истовремено не можел да ја прифати реалноста и сакал да создаде достоен наследник за неа.

И тој го направил токму тоа, а како инспирација земал елементи не само од серискиот модел на Delta, туку и од нејзините тркачки изведби. Идејата за ова негово дело се родило откако поминал долги часови во гледање на стари видеа од рели на YouTube.

Поточно, тој ја именува легендарната Delta S4 од класата Group B како најдиректна инспирација. Тоа беше извонреден рели автомобил погонуван од агрегат со компресор и турбополнач, кој можеше да забрза до 100км/ч побрзо од Формула 1 болид.

Резултатот на Чарча е импресивен. Сличностите со Delta S4 се јасни, но истовремено целиот автомобил делува модерно и привлечно по денешни стандарди. Неговата замисла е моделот да биде погонуван од хибридна конфигурација со погон на сите тркала. Агрегатот би бил поставен зад предните седишта и би можел да се види низ задното стакло.

Бидејќи и ние сме огромни фанови на старите добри модели на Lancia, би сакале новата групација Stellantis да ја оживее Delta во истиот дух. За жал, нема никакви знаци дека ова некогаш ќе се случи.

Поврзано:  Новата Lancia Ypsilon HF има 240 коњски сили


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.