Toyota подготви визуелно и технолошко освежување за големиот седан, кој го задржува истиот ефикасен хибриден погон.
Toyota подготви освежување за Camry, кое иако не е драстично, сепак е доволно да го „затегне“ големиот хибриден седан.
Визуелните измени се концентрирани околу предниот дел, каде препознаваме нов, редизајниран браник со пошироки отвори чија задача е да ја нагласи широчината на големиот седан. Елементите во долниот дел од браникот можат да бидат во црна или темно-сива боја. Достапни се и нови 17 и 18-инчни тркала, како и нова Deep Metal Grey боја за екстериерот. Измените на задниот дел доаѓаат во форма на освежени задни светла.
Кабината на Camry добива нов, 9-инчен мултимедијален уред. Новиот мултимедијален уред доаѓа со Apple Carplay и Android Auto поддршка, како и нови физички контроли за полесно користење. Camry ги добива и најновите Toyota Safety Sense системи за подобрена активна и пасивна безбедност. Тука вбројуваме систем за препознавање други возила, систем за асистирање на управувањето во итни ситуации, и слично.
Дополнително, кабината ќе може да се нарача со нови премиум опции – нови варијанти на премиум кожа, како и нови материјали за централната конзола
Непроменет останува одличниот 2.5-литарски хибриден погон кој испорачува вкупно 218 коњски сили.