full screen background image
Search

Volkswagen Group и Грција заедно ќе направат климатски-неутрален остров.

Малиот грчки остров Астипалеа ќе стане пример за климатски-неутрална дестинација, каде Volkswagen и Грција заеднички ќе работат на темелно модернизирање на инфраструктурата.

Доктор Herbert Diess, извршниот директор на Volkswagen Group кажа дека „Политиката, бизнисот и општеството имаат заедничка одговорност да ги ограничат климатските промени. Нашата долгорочна цел е климатски-неутрална мобилност за сите, а со овој проект ќе истражиме како што поскоро да ја реализираме таа визија. Е-мобилноста и паметната мобилност ќе го подобрат квалитетот на животот и ќе придонесат кон карбон-неутрална иднина.“

Во сржта на проектот е целосно-нов, супер-модерен транспортен систем со дигитални услуги за мобилност, кои вклучуваат целосно-електрична услуга за споделување автомобили и возења, која ќе ги замени постоечките, локални автобуси. Заедно со локалните партнери, конвенционалните рент-а-кар возила и услуги ќе бидат заменети со Vehicle Sharing сервиси кои ќе нудат електрични скутери од SEAT, како и електрични велосипеди, покрај електричните автомобили. Според најавеното, околу 1000 електрични возила ќе заменат повеќе од 1500 постоечки автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Дополнително, комерцијалните возила, службените возила во јавниот сектор, како и возилата на полицијата и службите за реагирање во итни ситуации ќе бидат електрифицирани. Volkswagen ќе ги инсталира своите Elli полначи ширум островот, со цел да обезбеди робустна мрежа и според најавеното ќе бидат поставени околу 230 приватни и јавни точки за полнење.

Инаку, Астипалеа е мал остров на југот на егејското море, со вкупна површина од околу 100 квадратни километри. На островот има околу 1300 постојани жители, но годишно го посетуваат околу 72.000 туристи. Во моментов има скоро-непостоечки систем за јавен транспорт од само два автобуси кои работат на само мал дел од островот, а потребите за енергија се задоволуваат со фосилни горива. Аспирациите на островот се да стане своевиден пионир за одржлив туризам и токму затоа ја поддржува оваа иницијатива.

Поврзано:   Нарачките за новиот Volkswagen ID.4 ќе бидат отворени веднаш по неговата премиера.

Овој проект има за цел да постави пример, односно модел за идно ширење на ваквиот пристап и на други локации.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.