Дизајнерска Студија за модерен и електричен Citroen DS Pallas – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дизајнерска Студија за модерен и електричен Citroen DS Pallas

Дизајнерот Санг Вонг Ли создаде концептуален модерен наследник на легендарниот модел Citroen DS.

Во времето на своето лансирање на пазарот, легендарниот историски Француски автомобил беше веднаш препознатлив по уникатниот изглед и напредните технолошки решенија како хидропневматската суспензија и сопирачките со дискови, кои беа за прв пат вградени во сериски модел.

Иако во денешно време Citroen произведува навистина одлични автомобили, сепак ниту еден од нив не нуди толку нови решенија како што нудеше оргиналниот DS. Исто така, ниту еден од нив не изгледа доволно слично на историскиот модел за да се нарече негов наследник.

Токму затоа, Санг Вонг Ли ја добил идејата да создаде своја дизајнерска визија за тоа како би изгледала нова генерација, креирана во денешно време.

Целосната форма на концептот е првото нешто што е веднаш препознатливо. Изразениот преден дел, издадените странични крила, големите стаклени површини, долгото меѓуоскино растојание и ниската линија на кровот влечат директна инспирација од DS, но се изведени во помодерен стил.

Покрај поинтересните детали се големите предни LED светла, остриот преден сплитер, извајаните врати без видливи рачки, аеродинамичните капаци над задните тркала и минималистичките задни LED светлосни групи.

Санг Вонг Ли го замислил DS Pallas Homage да биде погонуван од електрична погонска единица, благодарение на која би располагал со многу просторна кабина. Иако не е прикажано на рендер сликите, автомобилот би имал багажен простор под предниот и под задниот поклопец.

Иако се работи само за богата имагинација на еден независен дизајнер, нас навистина би не израдувало доколку Citroen се реши да го оживее историскиот модел и да го понуди со слични модерни решенија.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.