ПАНОРАМА: Освежените Peugeot 3008 и 5008 наметнуваат стил, иновативност и електрификација! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПАНОРАМА: Освежените Peugeot 3008 и 5008 наметнуваат стил, иновативност и електрификација!

Peugeot неодамна ги освежи бестселерите 3008 и 5008, а сега ги имаме сите детали околу погонските единиции новите технолошки достигнувања на француските SUV модели.

Но ајде прво да започнеме со прашањето – зошто 3008 и 5008 ги нарекуваме бестселери? Затоа што овие два модели се продадени во нешто над 1.1 милион примероци – од кои дури 800.000 продажби му припаѓаат на 3008. Па токму затоа, разбирлива е желбата на Peugeot да ги освежи овие два модели – но истовремено да ги направи уште помодерни и попривлечни за купувачите.

Но што всушност значи тоа? Објаснувањето доаѓа од Jean-Philippe Imparato – претседателот на Peugeot – кој кажува дека освежувањето е базирано на три столбови. Тие се стил, подобрување на кабината и уште повеќе технологии, како и освежени, почисти и помоќни погонски конфигурации.

Стилот е препознатлив преку затегнатиот дизајн. Предните светла се заострени и се прелеваат во маската на ладилникот, а дневните светла се понагласени и уште подинамични. Предните и задните светла користат Full LED технологија и динамични трепкачи, а задните светлосни групи се редизајнирани за уште повеќе да го истакнуваат елементот на лавја канџа. За прв пат Peugeot нуди и Black Pack пакет кај 3008 и 5008, кој вклучува црни алуминиумски фелни, црни значки и други црни детали на екстериерот.

Кабините на двата SUV модели на Peugeot добиваат освежување во форма на нови материјали и нови бои, како и грст нови технологии. Освежените 3008 и 5008 ја добиваат најновата генерација на i-Cockpit системот, но добиваат и нови технологии за полу-автономно возење и безбедност. Секако – не е заборавено ниту на уживањето во патувањето – па можете да добиете уште подобри системи за масажа во седиштата, или пак аудио систем од Focal со 10 звучници.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Конечно, ајде и за погонските единици. Peugеот и понатаму ќе ги нуди 3008 и 5008 со грст различни турбо-бензински, турбодизел и хибридни погони. Понудата на бензинците започнува со 1.2-литарскиот PureTech со 130 коњски сили, а над него е 1.6-литарскиот PureTech со 180 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие со мануелен или автоматски менувач, додека помоќниот е достапен само со одличниот ЕАТ8 автоматски менувач.

Доколку сакате турбодизел, 3008 можете да го добиете 1.5-литарскиот BlueHDI со 130 коњски сили во комбинација со мануелен или автоматски менувач, а кај 5008 е достапен и 2-литарскиот BlueHDI турбодизел со 180 коњски сили.

И конечно – бидејќи Peugeot инвестира многу во електрификацијата – тука се и одличните плаг-ин хибридни изведби на 3008. Можете да добиете 3008 HYbrid со 225 коњски сили и погон на предните тркала, или пак 3008 HYbrid4 со 300 коњски сили и погон на сите четири тркала. Обете верзии користат 1.6-литарски турбо-бензинец, но во првата конфигурација тој испорачува 180, а во втората 200 коњски сили. Двете верзии можат да поминат скоро 60 километри на електрична енергија со полни батерии – а ние веќе имавме можност да го запознаеме плаг-ин хибридниот 3008 на неговата официјална презентација на почетокот на оваа година.

Ако го земеме сето ова предвид, повеќе од јасно е дека францускиот бренд сака и понатаму да биде на самиот врв во сегментот. И навистина – не сме воопшто изненадени – аспирациите на Peugeot се јасни – да се биде лидер со стил, технолошки иновации и електрификација!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.