ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави темелно-освежениот 3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави темелно-освежениот 3008!

Освежениот SUV на Peugeot добива подоминантен лик, нови технологии и освежена кабина.

3008 е навистина успешен модел за Peugeot – не само што е меѓу најпродаваните модели во сегментот, туку истовремено ја започна и понатаму го турка движењето на францускиот бренд кон премиум сегментите. Од Peugeot кажуваат – „ние сме лидери, а лидерите преземаат ризик.“ Токму затоа, Peugeot подготви темелно освежување за 3008.

Измените започнуваат со предниот дел, каде визуелните измени се најзабележителни. Редизајнираниот преден дел добива нови предни светла кои користат LED технологија, како и редизајнирани дневни светла. Целосно се редизајнирани предниот браник и маската на ладилникот, а со сето ова 3008 има уште подоминантен и поуверлив став на патот. Профилот е освежен преку нови, 19-инчни тркала, а на задниот дел вниманието го привлекуваат целосно-редизајнираните задни светла кои имаат три пати по три „сечила“.

Сè на сè, измените се дискретни, но доволно забележливи за 3008 да добие лик кој е во линија со другите модели на Peugeot. Со освежениот 3008, Peugeot воведува и Black Pack опција, со која многу од деталите на екстериерот се во црна боја.

Кабината добива нови материјали, а достапни се нови комбинации на дрво и различни текстури. Со ова се оплеменува кабината и се внесува одредена доза на свежина. Меѓу новите технологии го вбројуваме новиот 10-инчен мултимедијален уред поставен на централната конзола, а 3008 добива и систем за полу-автономно управување на автопат, како и Night Vision систем.

Во однос на погонските единици, во понудата остануваат бензинските PureTech 130 и 180, како и дизелскиот BlueHDI 130 достапен со мануелен или автоматски менувач. Во понудата има и две плаг-ин хибридни варијанти – едната со 225 коњски сили и погон само на предните тркала, а другата со 300 коњски сили и погон на сите четири тркала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.