full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi подготви освежување за кросоверот Q2

Audi подготви освежување за својот компактен кросовер, моделот Q2.

Компактниот премиум кросовер на Audi доби освежување – и со тоа Q2 станува уште поинтересен и попривлечен за купувачите.

Ајде прво за екстериерот. Сите верзии на Q2 добиваат LED светла, а по нарачка може да се добијат и Matrix LED предни светла. Светлосните групи имаат модернизиран светлосен потпис кој е во согласност со останатите модели на Audi. Понатаму, препознаваме и редизајниран преден браник со посилно дефинирани линии и поголеми отвори за воздух.

Задниот дел добива редизајниран браник со интегриран дифузер, како и редизајнирани задни светла. Достапни се и нови дизајни за тркалата, како и пет нови бои – Apple Green, Manhattan Gray, Navarra Blue, Arrow Gray и Turbo Blue, а Ц-столбот може да биде во бојата на каросеријата, или пак во црна, сива или сребрена боја. Слично може да се комбинираат и заштитните панели околу автомобилот.

Кабината добива малку поинакви отвори за вентилација, редизајнирана рачка за автоматскиот менувач, површини покриени со микрофибер наместо алкантара, ново амбиентално осветлување и уште неколку детали. Секако, може да се нарачаат и многу, многу екстра работи – спортски седишта, дополнително греење, моторизирана врата од багажниот простор, итн. Q2 го добива и најновиот, 12.3-инчен Virtual Cockpit на Audi, во комбинација со 8.3-инчен MMI мултимедијален уред. Сакате премиум аудио? Нема проблем, можете да нарачате премиум аудио систем од Bang & Olufsen. Со освежувањето, Q2 ги добива и системите за асистенција во возењето, директно од поголемите модели на Audi.

Q2 ќе може да се нарача со еден од трите TFSI турбо-бензинци или еден од два TDI турбодизели, а од Audi го истакнуваат 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Овој мотор ќе може да се комбинира со шест-степен мануелен или седум-брзински S-Tronic менувач со двојна спојка. Во зависност од одбраниот мотор, ќе може да се добие и Quattro погон на сите четири тркала. Дополнително, од Audi потенцираат дека е поработено и на возната динамика – серво-управувањето е побрзо, а суспензијата е доработена за да се подобрат возните својства.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi ја претстави плаг-ин хибридната изведба на A3 со ознаката TFSI e!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.