ПРЕМИЕРА: Rolls Royce го претстави целосно-новиот Ghost – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Rolls Royce го претстави целосно-новиот Ghost

По неколку најави, Rolls Royce конечно го претстави новиот, опулентен – но сепак минималистички – Ghost!

Ако имате најмалку 233.000 Евра (пред локалните давачки, секако) за нов автомобил, продажен агент од Rolls Royce би сакал да зборува со вас. А што ќе добиете? Ќе го добиете новиот Rolls Royce Ghost кој е поставен на алуминиумската платформа која веќе се користи за новиот Phanton, како и првиот SUV на британскиот супер-луксузен бренд – Cullinan.

Задолжен за придвижување на Ghost е 6.75-литарски твин-турбо V12 кој испорачува 563 коњски сили и 850 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон сите четири тркала преку 8-брзински ZF автоматски менувач, а максималниот вртежен момент е достапен од само 1600 вртежи во минута – а тоа гарантира дека возењето ќе биде лесно и опуштено. Дополнително, менувачот на Ghost соработува со уредот за навигација, за да биде во идеалниот степен на пренос во следниот свиок. А да, има и управување на сите четири тркала, а Flagbearer системот користи камери за да ја снима подлогата пред автомобилот и автоматски да ја прилагоди суспензијата.

Новиот автомобил подолг за 89 милиметри и поширок за 30 милиметри од моделот кој го заменува. Кабината е темелно-изолирана (од Rolls Royce кажуваат дека има околу 100 килограми звучна изолација), а инженерите посветиле многу, многу внимание за во ентериерот да е идеално тивко. Секако, ќе ги добиете и оние прекрасните врати, а ќе добиете и многу, многу луксузни детали во кабината – како на пример ѕвезденото небо.

Инаку, од Rolls Royce кажуваат дека пристапот кон дизајнот е минималистички – и генерално, би се согласиле со тоа. Линиите се чисти и нема непотребни детали. Секако, ние најверојатно би избрале друга боја, но… Кога ќе дојде ред, тогаш.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.