full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Q5 Sportback е подинамичната изведба на Audi Q5!

Audi ја зголемува понудата на SUV-купе модели со новиот Q5 Sportback.

Новиот Audi Q5 Sportback ќе се продава покрај постоечкиот Q5 и е наменет да биде подинамична и поспортска алтернатива на конвенционалниот SUV.

До половината, двата модели се навистина слични, но разликите започнуваат по средишните столбови. Опаѓачката кровна линија на Q5 Sportback му дава на новиот SUV подинамичен, купеовски лик. Препознаваме и поспортски браници, како и декоративни елементи кои влечат тематска инспирација од помалиот Q3 Sportback (кој неодамна пристигна и кај нас).

Q5 Sportback стандардно ќе доаѓа со LED предни светла, а ќе може да се нарачаат и Matrix LED предни светла, односно OLED задни светлосни групи. S-Line изведбите добиваат уште поостри браници, нијанса пониска суспензија како и поголеми тркала. Кабината е идентична со онаа во Q5, па добиваме 10.1-инчен MMI мултимедијален уред, како и 12.3 инчен Audi Virtual Cockpit Plus. Купувачите ќе можат да добијат и Bang & Olufsen премиум аудио уред, напредни системи за асистенција во возењето, и уште многу повеќе…

На самиот почеток, европските купувачи ќе можат да изберат меѓу 2-литарски TFSI турбо-бензинец со 204 коњски сили, или пак 2-литарски TDI турбодизел со 204 коњски сили. Обата мотори имаат лајт-хибридни технологии, а за почетокот на следната година е најавен SQ5 Sportback со 355 коњски сили. Понатаму ќе бидат понудени и две плаг-ин хибридни изведби. Сите изведби стандардно добиваат Quattro погон на сите четири тркала и автоматски менувач.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.