full screen background image
Search

Сопствениците на електрични возила заштедуваат 50% на редовното одржување!

Според американскиот Consumer Reports, сопствениците на електрични возила заштедуваат 50% за редовното одржување и поправање на нивните автомобили.

Иако електричните возила се поскапи за купување, сепак поседувањето електричен автомобил долгорочно може да заштеди многу – бидејќи покрај тоа што самото возење е значително поевтино, и одржувањето на автомобилот е поевтино исто така.

Истражувачите од Consumer Reports искористиле податоци од анкети за доверливост на автомобилите од 2019 и 2020, во кои се вклучени илјадници електрични и конвенционални возила. Според нивната анализа електричните возила (и тука ги вклучуваат целосно-електричните возила, но и плаг-ин хибридите) им овозможуваат на сопствениците просечна заштеда од 50% во однос на автомобилите со конвенционални мотори. Заштедата се однесува на одржување и поправки во целиот животен век на возилото. Животниот век на едно возило според Consumer Reports е 200.000 милји, односно нешто над 320.000 километри.

Consumer Reports наскоро ќе го објави целиот извештај, во кој ќе бидат вклучени сите детали за Cost of Ownership како на електрични, така и на конвенционални возила. Но веќе објавија дека сопствениците на електрични возила плаќаат 0.03 долари одржување за секоја измината милја, а сопствениците на возила со конвенционални мотори плаќаат 0.06 долари. Студијата на Consumer Reports кажува дека во просек, купувачите на електрични возила ќе заштедат околу 4600 долари за одржување низ целиот животен век на едно возило.

Секако, оваа студија се однесува на купувачите во САД, но сепак е интересно да се размислува и во оваа насока. Возењето „на струја“ е веќе навистина евтино (на пример, во Peugeot e-208, 100 километри можат да чинат помалку од 50 денари), а кога на сето тоа ќе се додадат и намалените трошоци за одржување и поправки – тогаш електричните возила стануваат уште попривлечни.

Извор: Consumer Reports



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.