full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford ја претстави спортската Puma ST!

Од кујната на Ford Performance пристигна новата, спортска Puma ST која забрзува до 100 километри на час за само 6.7 секунди!

Погодувате, новата Puma ST ги дели механичките делови со новата Fiesta ST – а со тоа и одличниот 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент. Моќноста е иста, но Puma ST има 30 Nm повеќе вртежен момент.

Со сето ова под поклопецот, Puma ST забрзува до 100 километри на час за 6.7 секунди и постигнува максимални 220 километри на час. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен рачен менувач, а самите тркала се обвиени во спортски Michelin Pilot Sport 4S пневматици. За оние кои сакаат уште подобра управливост, тука е Performance Pack опцијата која вклучува диференцијал со ограничено пролизгување.

Дополнително, Puma SТ добива и ревидирана, поцврста суспензија, спортски издувен систем (кој е порафиниран и мааааалку потивок во однос на тој кај Fiesta ST), Ford Performance преден сплитер интегриран во браникот, голем заден спојлер, како и дифузер интегриран во задниот браник. Ладењето е подобрено благодарение на новите отвори за воздух, а купувачите ќе можат да одберат меѓу шест различни бои. Ексклузивна за Puma ST е одлично-именуваната Mean Green.

Кабината добива одлични Recaro спортски седишта кои се обвиени во специјален Miko Dinamica материјал, кој треба да го елиминира лизгањето во самото седиште. Ќе добиеме и зарамнет управувач, специјална рачка за менувачот, ST патосници и уште неколку детали.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.