ПРЕМИЕРА: Volkswagen го лансираше својот прв електричен SUV – новиот ID.4! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го лансираше својот прв електричен SUV – новиот ID.4!

ID.4 ја доживеа својата дигитална светска премиера – ова е првиот целосно-електричен SUV на Volkswagen кој нема никаква емисија на штетни гасови и ќе влезе директно во најголемиот и најпопуларниот сегмент во светот!

Извршниот директор на Volkswagen брендот – Ralf Brandstätter – го лансираше ID.4 со зборовите – „ID.4 е емотивен сенаменски автомобил кој ќе ги импресионира купувачите со ефикасниот погон, дарежливата просторна понуда, модерните системи и моќниот дизајн. Како првиот глобален електричен автомобил на Volkswagen, ќе ја промовира нашата платформа за електрични возила ширум светот.“

Батеријата која се користи за ID.4 е со капацитет од 77 kWh и може да понуди автономија до 520 километри според WLTP тестирањата. Електромоторот е поставен на задната оска и нуди 204 коњски сили, а сето тоа е доволно за спринт до 100 километри на час за 8.5 секунди и максимална брзина од 160 километри на час. Оддалеченоста од подлогата од 21 сантиметар е сосем доволна и за напуштање на асфалтот, кога тоа ќе го посакате.

Екстериерот има привлечни и атлетски – но сепак препознатливи за СУВ – пропорции. Чистиот дизајн нуди одлична аеродинамика (а со тоа се подобрува и ефикасноста). Дури и основниот ID.4 ќе добие предни светла кои користат LED технологија, а чекор погоре се IQ Light LED Matrix светлата кои се пофункционални и помоќни. Задниот дел исто така добива LED светла, а дизајнот ги следи насоките кои Volkswagen ги постави за своите електрични модели со ID.3. За ID.4 ќе бидат достапни тркала во димензии до 21 инч.

Кабината е супер-просторна и светла. Дополнително, ID.4 е долг нешто над 4.5 метри, а архитектурата овозможува многу простор во кабината – од Volkswagen кажуваат дека во ID.4 има простор како во една класа поголем SUV. Користени се модерни материјали и бои, а многу внимание е посветено на леснотијата на користење на ID.4. Приказната за практичност и просторна понуда се заокружува со багажникот кој нуди капацитет меѓу 543 и 1575 литри. Автомобилот реагира на гласовни команди кога ќе му се обратите со „Hello ID“, а доаѓа и со напреден хед-ап дисплеј кој меѓу другото, проектира насоки од системот за навигација директно на патот пред вас.

Поврзано:  Volkswagen и Renault сепак нема заедно да прават мало електрично возило

Volkswagen ID.4 дозволува полнење со моќност од 125 kW, па доколку имате пристап до соодветно брз полнач, за само половина час ќе ја наполните батеријата со доволно „сок“ за да поминете 320 километри!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.