Електричниот e-208 најбрзо помина дистанца од 300 километри и победи на трка во Литванија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Електричниот e-208 најбрзо помина дистанца од 300 километри и победи на трка во Литванија!

Дека електричните автомобили не се само „играчки“ потврди и најновиот подвиг на електричниот Peugeot e-208 – кој најбрзо помина дистанца од 300 километри и победи во својата класа.

Настанот се вика Ignitis ON: Get to know Lithuania, а натпреварувачите беа поделени во две категории – електрични возила со батерии со капацитет до 50 kWh и електрични возила со батерии со капацитет над 50 kWh. Тимот составен од Витолдас Милиус и Аидас Бубинас, како и одличниот Peugeot e-208 победи во својата категорија. Оваа трка веќе станува традиционална во Литванија, бидејќи се одржува по 6-ти пат.

Во натпреварот учествуваа вкупно 22 електрични автомобили кои како што рековме беа поделени во две категории. Оние со помали батерии требаше да поминат дистанца од најмалку 300 километри, додека оние со поголеми батерии дистанца од најмалку 500 километри. Сите тимови требаше да посетат најмалку три предефинирани точки од интерес низ Литванија, а самите ја одбираа рутата која ќе ја поминат. Целосната рута одеше од Вилниус по па сè до Друскининкаи. Одличното планирање му овозможи на победничкиот тим да посети три точки, и на целта да стигне со вкупно поминати 305 километри.

Интересно е да се напомене дека за време на целото возење, тимот возел со максимално дозволената брзина, освен на автопат каде возеле со брзина од 100 километри на час, иако максимално-дозволената брзина е 130 километри на час. Делницата со автопат е на самиот почеток на рутата и тимот не сакал да ризикува да потроши премногу од батеријата на самиот старт. На крајот, стигнале на целта за 3 часа и 59 минути, цели 4 минути пред второпласираниот тим. Според официјалните мерења, Peugeot e-208 во просек трошел 13.6 kWh на 100 изминати километри, просечната брзина била 76 километри на час а на крајот батеријата покажувала дека автомобилот може да помине уште 5 километри.

Одличен резултат за Peugeot e-208. Ние неодамна имавме можност да го возиме токму францускиот електричен автомобил – прочитајте го нашиот тест!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.