ПРЕМИЕРА: Toyota го освежи неуништивиот Hilux – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Toyota го освежи неуништивиот Hilux

Легендарниот Hilux доби прилично сеопфатно освежување, како и нов, моќен турбодизел.

Пикапот на Toyota добива редизајниран преден дел со нова, тродимензионална маска на ладилникот, како и нови LED предни светла и нов браник. Hilux добива и нови, црни 18-инчни тркала, како три нови бои – Emotional Red II, Dark Blue и Oxide Bronze Metallic. Визуелните измени завршуват со нови LED задни светла, редизајниран заден браник како и нова моделска ознака на вратата од багажниот простор.

Кабината добива нов централна конзола со 8-инчен мултимедијален уред кој добива и физички контроли. Новиот инфозабавен систем е со побрз софтвер, а има поддршка и за Apple CarPlay и Android Auto. Меѓу другото, купувачите ќе можат да добијат и навигација, автоматски клима уред, паркинг сензори, JBL премиум аудио уред и уште многу, многу други додатоци.

Интересен новитет е целосно-новиот 2.8-литарски четири-цилиндерски турбодизел кој испорачува 204 коњски сили и 500 Nm вртежен момент – солидни 54 коњски сили и 100 Nm вртежен момент повеќе од 2.4-литарскиот турбодизел кој го заменува. Купувачите ќе можат да изберат меѓу 6-степен мануелен или 6-степен автоматски менувач, како и погон на задните или сите четири тркала.

Со овој мотор, Hilux забрзува до 100 километри на час за рамно 10 секунди – импресивни 2.8 секунди побрзо во однос на стариот мотор. Од Toyota кажуваат дека многу внимание е посветено и на надградената суспензија, како и на серво-управувачот, а моделите со погон само на задните тркала добиваат нов систем кој функционира како конвенционален механички диференцијал со ограничено пролиозгување.

Hilux е робустен и доверлив соработник и Toyota всушност само ја продолжува успешната приказна со освежувањето. Новиот Hilux ќе биде достапен ширум Европа веќе оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.