Hyundai го освежи големиот Santa Fe! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Hyundai го освежи големиот Santa Fe!

Hyundai подготви прилично екстензивно освежување за големиот Santa Fe – и веќе ги имаме официјалните фотографии од затегнатиот SUV.

Иако ова е само фејслифт, сепак визуелните измени се прилично значителни. Предниот дел добива нова, поширока маска со неколку различни дизајни, околу која се ставени светлата. Над нив се високо поставени дневните светла. Дневните светла се во облик на буквата Т и се интересно пресечени – горниот дел е над главните светла, а долниот дел е интегриран во нив. Задниот дел добива редизајнирани, споени светла, како и нов заден браник.

Формата не е значително изменета, но од Hyuindai најавуваат дека Santa Fe ќе добие нови 20-инчни тркала, како и нови тркала во помали димензии. Најавени се и нови бои.

Сепак, измените не се само визуелни – темелно-освежениот Santa Fe добива и нова платформа, која според најавите резултира со подобри перформанси, подиректно управување, како и зголемени ефикасност и безбедност. Додаваат дека е поработено и на звучната изолација во големиот SUV. Кабината добива нов, 10.25-инчен мултимедијален уред на централната конзола, како и целосно нов, 12.3-инчен дисплеј пред возачот.

Веќе нема ниту традиционална рачка за менувачот, која сега е заменета со копчиња за Park, Reverse, Neutral и Drive. Luxury пакетот кој за прв пат ќе биде достапен кај Santa Fе е наменет дополнително да ги истакне квалитетите на моделот.

Новата платформа носи и зголемена безбедност благодарение на новата структура, како и новите заштитни панели. Сето ова му овозможува на големиот SUV подобро да апсорбира удари, без притоа да се деформира одделот за патници. Унапредениот систем за селектирање на подлогата по која се вози овозможува режим за песок, снег и кал, како и Eco, Sport и Smart режими. Секако, Santa Fe доаѓа со HTRAC погон на сите четири тркала.

Европските купувачи за прв пат ќе можат да го нарачаат Santa Fe со хибриден или плаг-ин хибриден погон. Напредните погони ветуваат врвни перформанси, како и исклучителна економичност.

Поврзано:  ТЕСТ: Hyundai Kona 1.6 T-GDI Premium 2WD 7DCT - Вон сите правила


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.