ПРЕМИЕРА: BMW Alpina XB7 – Монструозен луксузен SUV со 620 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW Alpina XB7 – Монструозен луксузен SUV со 620 коњски сили!

Сега за сега, BMW не најавува дека ќе претстави M-изведба од големиот X7 – па доколку не сакате да чекате, тука е Alpina XB7.

Под поклопецот се крие 4.4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 620 коњски сили при 6600 вртежи во минута и одлични 800 Nm вртежен момент од 2000 до 5000 вртежи во минута. Моќниот V8 му овозможува на големиот SUV да забрза до 100 километри на час за само 4.2 секунди и да постигне максимални 290 километри на час. Од Alpina кажуваат дека не е работено само на моторот, туку рекалибриран е и менувачот за да понуди уште повеќе уживање во возењето и да му одговара на динамичниот карактер на XB7.

Инженерите од Alpina работеле и на рекалибрација на суспензијата, како и xDrive погонот на сите четири тркала. Дел од пакетот е и активна воздушна суспензија, ревидирана геометрија на суспензијата и нов систем за анти-рол стабилизација. Покрај екстензивните преработки на суспензијата, внимание добиваат и сопирачките – па големиот SUV добива огромни Brembo сопирачки на предните и задните тркала, а шепите се во Alpina Blue сина боја.

Визуелно, големиот SUV се истакнува преку дискретен бодикит кој вклучува нов преден браник со зголемени отвори за воздух, нов заден браник, нов издувен систем, мал заден дифузер и уште неколку други ситни Alpina елементи. Секако, добивате и големи, 20-инчни Alpina тркала. Доколку сакате, можете да добиете и 23-инчни тркала.

Кабината добива милион уникатни детали – специјално стакло на менувачот, iDrive контролер со специјален дизајн, илуминирани заштини панели, Alpina управувач како и луксузен пакет кој дополнително ја оплеменува кабината.

Нарачките се веќе отворени а во Европа ќе пристигне во Декември и ќе чини од 155.000 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.