Компактниот кросовер базиран на новиот Yaris ќе се вика едноставно Yaris Cross, но ќе добие сопствен идентитет и шарм.
Пристапот кој Toyota го има со новиот Yaris Cross е добро познат. Од една страна, го користи името на Yaris за да го направи моделот веднаш-препознатлив за купувачите, а од друга страна ќе понуди модел во сегмент каде конуренцијата е навистина квалитетна и многубројна.
Новиот Yaris Cross е базиран на платформата на новиот Yaris – и иако го има истото меѓуоскино растојание од 2560 милиметри, сепак е 240 милиметри подолг, 20 милиметри поширок и 90 милиметри повисок од обичниот Yaris. Плус, добива дизајнерски јазик кој е уникатен – гледаме чисти и јасни линии со привлечни форми и детали. На предниот дел добива заострени фарови, профилот е кросоверски и динамичен, а на задниот дел добиваме големи задни светлосни групи кои се како споени со задното стакло.
Секако – како и сите нови модели на Toyota – Yaris Cross добива можност за двобојна комбинација. Интересна е новата Brass Gold златна боја која дебитира кај Yaris Cross, а купувачите ќе можат да изберат и меѓу различни димензии на тркалата.
Благодарение на поголемите димензии во однос на Yaris, кабината на Yaris Cross ветува дека ќе биде покомфорна и со повеќе багажен простор. Во кабината забележуваме модерни инструменти, голем, централно-поставен мултимедијален уред и интересен избор на материјали, како и дизајнерски одлуки кои сè похрабро го напуштаат конзервативниот пристап по кој беше познат јапонскиот бренд. Ни се допаѓа!
Yaris Cross ќе биде достапен со нов хибриден погон кој комбинира 1.5-литарски три-цилиндерски бензинец и електромотор. Вкупната, системска моќност е 116 коњски сили, а Toyota ветува и екстремно ниска емисија на штетни гасови. Yaris Cross ќе биде достапен со погон само на предните или на сите четири тркала. Електромоторот ќе биде задолжен за задвижување на задната оска.
Продажбата е планирана да започне следната година.