full screen background image
Search

Стопанска Комора: Зголемување на акцизата на нафтените деривати како алатка за справување со COVID-19

Стопанската Комора на Македонија предложи сет мерки кои доколку се разработат, ќе помогнат во справувањето со економската криза предизвикана од COVID-19.

Деновиве светот се соочува со предизвик за кој ниту една држава не е подготвена. Последиците од COVID-19 од темел го променија начинот на живот, а со тоа се нанесоа и големи штети врз економијата – штети чии размери сè уште никој не може до крај да ги предвиди.

Паниката и неизвесноста како и намаленото движење на луѓето создадоа криза во економијата нестандардна во своите карактеристики – бидејќи кризата не е предизвикана од дисбаланс на пазарот.
Нашата земја не е исклучок од овие економски нарушувања. Покрај сетот мерки предложени и применети од страна на Владата, Стопанската комора на Македонија предложи сет на мерки наменети за борба со неизвесноста од ефектите против коронавирусот.

Преку овие мерки се предвидува да биде зголемена специфичната акциза на нафтените деривати, која би овозможила поголеми приходи во државниот буџет.
Идејата е преку зголемување за два денари на постојната акциза за безоловен бензин и за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво), како и изедначување на акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) со акцизата за дизел горивото, во буџетот на државата да се акумулираат 3.8 милиони евра месечно, односно 46.2 милиони евра на годишно ниво.

Со цел да се регулира трговијата, во сетот на мерки се предвидува и укинување на можностите екстралесното гориво ЕЛ-1 да се користи како погонско гориво, односно да се укинат одредбите од законот за акцизи кои се однесуваат на продажба и трговија со масло за горење екстра лесно ЕЛ-1, или истите да се пренаменат кон регулирање на продажбата и користење на еуродизел горивото и како погонско гориво, но и како гориво за греење.

Според Стопанската Комора на Македонија, сите овие мерки би требало да ги олеснат последиците од ефектот на оваа пандемија врз домашната економија, односно преку овие промени да се соберат средства за сервисирање на основните јавни функции и да се обезбеди економска поддршка за компаниите кои се погодени од кризата.

Извор: Стопанска Комора на Македонија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.