full screen background image
Search

Brabus ја зголеми силата на дизел верзијата на Mercedes-Benz GLS

Brabus го засили дизелскиот мотор и го „заостри“ изгледот на најголемиот модел во понудата на германскиот бренд.

Наменет за вградување на AMG Line изведбата, пакетот содржи редизајнирани рамки на страничните отвори за воздух со интегрирани LED светла на предниот браник, спојлер монтиран на највисокиот дел од вратата на багажникот и нови ознаки Brabus кои ги заменуваат стандардните.

Во понуда се неколку различни видови на тркала, вклучувајќи и 24-инчни Monobloc Z Platinum Edition фелни, кои ги има автомобилот на фотографиите. На нив се наместени Pirelli пневматици во профил од 295/35 напред и 335/30 назад.

За во кабината се понудени неколку ексклузивни опции, а листата содржи се што би можел да посака сопственикот, од украсни плочки со светлечко лого на праговите до алуминиумски педали. Во опција се алкантара и кожа за помеките површини, а прикажаниот модел располага со двобојни црно-црвени седишта и инструмент табла со детали од дрво и карбон.

Зголемувањето на силата е наменето за моделот GLS 400d 4Matic и неговиот 2.9-литарски турбодизел. Тој е засилен од 330 кс и 700 Nm на 370 кс и 750 Nm. Се подготвува и тјунинг пакет за хибридниот модел GLS 580 4Matic, кој располага со 4.0-литарски V8 мотор со 489 кс и 700 Nm, искомбиниран со електричен мотор од 22 кс и 250 Nm вртежен момент.

На крај, Brabus може да инсталира нов модул за контрола за воздушната суспензија, кој ја приближува каросеријата на возилото за 25 милиметри кон подлогата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.