ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новиот, целосно-електричен Fiat 500e! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новиот, целосно-електричен Fiat 500e!

Италијанскиот бренд тукушто ја претстави новата генерација на супер-популарниот градски автомобил – која овој пат ќе биде целосно-електрична и ќе се вика 500е!

Приказната за новиот Fiat 500e започнува со новиот дизајн – ова е очигледно еволуција на Fiat 500, но со нијанса помодерна интерпретација. На предната маска веќе нема отвори за ладилник – бидејќи не се потребни на електрично возило – туку гордо стои стилизираната ознака 500е. На задниот дел вниманието ни го задржуваат светлосните групи, а целиот дизајн е поедноставен и почист – линиите се поостри и поедноставни.

Кабината е целосно редизајнирана – па добиваме управувач во две бои, кружни инструменти пред возачот и голем, централно-поставен дисплеј за мултимедијалниот уред. Стартувањето е на копче, а бидејќи се работи за електричен автомобил, целата кабина е поедноставна и полесна за користење – бидејќи меѓу другото, нема потреба ни за рачка за менувачот. Fiat 500e ја добива најновата генерација на uconnect мултимедијалниот уред, кој се контролира преку 10.25-инчен дисплеј, а има поддршка и за Apple CarPlay и Android Auto.

Новиот Fiat 500 е поставен на нова платформа, наменета исклучиво за електрични возила. Од Fiat кажуваат дека „новата платформа ги задржува сите вредности за Fiat 500, но под кожата автомобилот е целосно и радикално нов.“ Електричниот градски шармер користи електромотор кој испорачува 118 коњски сили, како и батерија со капацитет од 42 kWh. Од Fiat кажуваат дека според WLTP процедурите, 500e ќе може да помине 320 километри со едно полнење, а доколку имате пристап до брз полнач, 85% од батеријата ќе се полнат за само 35 минути. Перформансите се идеални за градски автомобил, кој по потреба може да ги напушти и урбаните граници – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 9 секунди, додека максималната брзина е 150 километри на час.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.