ИНТЕРВЈУ: Самир Ѓерлек, Самад – Семејниот бизнис е заеднички успех на сите нас! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Самир Ѓерлек, Самад – Семејниот бизнис е заеднички успех на сите нас!

Самад е компанија која е веќе добро позната на нашиот пазар, особено меѓу вљубениците во автомобилите. Истовремено, тие се наши добри пријатели и токму затоа одлучивме малку да поразговараме со нив и да дознаеме малку повеќе околу нивната историја, предизвиците, но и плановите за иднината!

Здраво Самир! На почетокот, да ти се заблагодариме за одвоеното време за да зборуваш со нас. Многумина знаат дека Самад постои на нашиот пазар веќе долго време – но кажи ни од кога датираат почетоците и всушност – какви се почетоците на вашата компанија?

Здраво! Чест ми е што сум дел од CARclub семејството и со задоволство ќе ви откријам дел од работата на Самад. Почетоците датираат од 2005-тата година, кога како средношколец ги споив љубовта кон автомобилите и потребата за заработка, почнувајќи да препродавам дотатоци за автомобили, купувајќи одредени артикли кај локални добавувачи и препродавајќи ги на познатиот авто-пазар во Автокоманда. Мојата идеја за продажба на автокозметика, набргу беше поддржана од мој близок роднина, како и од мојот брат, кои ми се приклучија во работата и почнавме сè повеќе и повеќе да го шириме асортиманот и заеднички да споделуваме идеи како да напредуваме и како да успееме во оваа дејност.

Двајцата се и денес дел од врвното раководство на фирмата. Важно е да се напомене дека 2007-мата година дојдовме на идеја, навлаките кои ги увезувавме да почнеме сами да ги произведуваме – па со голем ентузијазам, во подрумските простории во куќата на моите родители, почнавме да произведуваме авто навлаки – по кои сме и најпознати до ден денес.

Отворивме мало маалско продавниче во Бутел, за да имаме и преку работната седмица каде да ги пласираме производите бидејќи авто пазарот беше само во недела. Почетоците се навистина интересни за нас – и сè уште со голема радост ги спомнуваме и се навраќаме на истите…

Самад е семејна компанија – како се отсликуваат семејните вредности во секојдневното работење?

Уште од самите почетоци од основањето на фирмата, семејните вредности и семејните правила многу ни помогнаа да продолжиме напред. Без разлика на предизвиците и разните препреки низ кои поминувавме, бевме заедно и си дававме поддршка едни на други. Текот на времето ги преточи семејните правила во правила на фирмата, па и денес се водиме по истите. Да работиш со најблиските не е воопшто лесно како што изгледа, но сепак на работното место, сите ние сме пред сè врвни професионалци во тоа што го работиме и секој си ги исполнува своите обврски. На крај, успехот е на сите нас.

Сите компании се препознатливи по нешто – а Самад е компанија која е своевиден синоним за квалитетни навлаки за седишта, како и патосници за возила. Но знаеме дека Самад нуди и многу повеќе – кои се услугите и продуктите кои ги нудите, на кои Вие се гордеете највеќе?

Нашето производство на авто-навлаки, како и теписонски патосници за возила, секако е нашата најголема гордост. Тоа се производи каде што најмногу имаме инвестирано време и ресурси – и сè уште ги унапредуваме, следејќи ги трендовите. Увозници сме на познати брендови – повеќе од 10год на словенечкиот бренд за патосници Gledring, на германскиот бренд за автокозметика Motip, потоа италијанскиот бренд за кровни багажници G3spa, италијанскиот Lampa, турскиот Niken, како и на уште 10-тина други светски брендови за авто козметика и опрема.

Производите се изложени во салонот во Визбегово, а пред околу една година ја проширивме понудата со каросериски делови, како и Tuning & Styling браници и спојлери, кои можат да се погледнат во специјализирана продавница Autolux, во населбата Автокоманда на излезот од Скопје.

Како планирате да се соочите со предизвиците на дигитализацијата?

Соочувањето со предизвиците на дигитализацијата се случи самото по себе – со оглед на тоа дека сме млади сопственици и сме корисници на сите дигитални медиуми, природно беше да бидеме застапени во истите.

Во 2009 го изработивме нашиот прв сајт а во 2011 ја отворивма нашата прва онлајн продавница. Со популаризацијата на социјалните мрежи, следејќи ги трендовите застапени сме на повеќето социјални медиуми. Ова го правиме за нашите клиенти да можат полесно да се запознаат со нашите производи и нашата работа.

Во моментов имаме 5 онлајн продавници каде што може да се види целата понуда, и исто толку фан страни на социјалните мрежи. Често ги обновуваме опциите и дизајните на самите страни, како не би биле здодевни, но и да им олесниме на купувачите да најдат тоа за што се дојдени на сајтот. Навраќајки се назад, ние сме првите од нашата бранша кои почнаа да ги следат дигиталните медиуми и со сигурност сме најзастапени во истите.

Кои се плановите за во иднина? Во која насока сакате да се развива вашиот бизнис и која е визијата за Самад за во блиската, па и подалечна иднина?

Едно е сигурно, планот за сегашноста и иднината е да го дадеме максимумот за на најпрофесионален начин да ги услужиме нашите клиенти и да ги задоволиме максимално нивните потреби, вкусови, како и мераци за нивниот автомобил. Планот е – во иднина во нашата понуда да имаме сè за возила, односно да на едно место може да се набави сè што на клиентите им треба за возилото. Се планираат и повеќе локации, но не би откривал повеќе во тој правец.

Како што минуваат годините, вработените стануваат дел од семејството. Како тимот на Самад влијае и придонесува кон секојдневното работење, но и кон идните планови? Каква е историјата на вработените во Самад и уште поважно, како им овозможувате да растат во рамките на компанијата?

Текот на времето, буквално нè направи како едно семејство – впрочем, поголемиот дел од денот го поминуваме заедно. Нашиот прв вработен сè уште е дел од тимот и поголем број од колегите се долги години тука. Нашата идеја е вработените да се пронајдат себеси овде, да го работат тоа што го знаат и сакаат – и сите да бидат задоволни.

Тимот е лицето и содржината на фирмата и има големо влијание на сегашното работење, а плановите за иднина ги правиме заедно. Со континуирано едицурање, преку семинари, обуки, саеми, па и тим-билдинзи, колегите се стекнуваат со поголемо знаење и искуство, а со тоа се подготвени за наредните проекти. Растот на фирмата е невозможен без добро-едуцирани кадри  кои ќе ја носат фирмата во нагорна линија и притоа да не се загуби квалитетот на услугата која ја даваме. Едноставно, мора да растеме заедно.

Уште еднаш – ти благодариме! Дали имаш некоја порака која би сакал да ја испратиш до читателите на CARclub.mk?

Лично сум член на CARclub од 2011 и се надевам дека ќе продолжи да се развива уште повеќе, со уште повеќе членови, со свежи идеи и проекти, кои ги следат светските трендови. На членовите и читатели на CARclub, сакам да им се заблагодарам што се наши клиенти долги години, што сè почесто ги користат нашите производи и услуги и што имаат доверба во нас – тоа многу ми значи.

Благодарам и на вас, и се гледаме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.