ТЕСТ: Jeep Renegade 2.0 CRD 4WD ATX Limited – Игнорирајте ги димензиите, Renegade е воинствен урбан SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jeep Renegade 2.0 CRD 4WD ATX Limited – Игнорирајте ги димензиите, Renegade е воинствен урбан SUV!

Компактниот Renegade е најмалиот модел во понудата на американскиот бренд – па ајде да одговориме на прашањето – дали и најмалиот член на семејството ги има сите таленти на еден Jeep?

Renegade е можеби најхрабриот модел кој Jeep го нуди на своите купувачи. Зошто? Затоа што токму со Renegade, Jeep се обидува на купувачите да им понуди нешто кое традиционално не го нуди – а тоа е помал модел.

Уште кога пред неколку години Jeep го претстави Renegade, скептиците беа гласни со своите критики. Кажуваа дека Renegade е само обид да се евоцираат ретро-инспирирани емоции и дека малиот Renegade нема да ги има истите таленти кои ги имаат сите модели на легендарниот американски бренд. Но неколку години потоа, продажбата и способностите на Renegade го докажуваат токму спротивното…

Ајде да започнеме со фактот дека токму Renegade e најпродаваниот модел на Jeep во Европа минатата година – едноставно, луѓето го препознаваат  и ги привлекува шармот на компактниот теренец.

Renegade има шарм на претек

А шарм? Колку сакате. Дизајнот е очигледно инспириран токму од Renegade – па на предниот дел добиваме навистина привлечно-дизајнирана и изразено тро-димензионална маска со предни светла кои се „вдлабнати“ во неа. Вертикалните отвори во предната маска доаѓаат докму од огромното наследство кое го има Jeep, а редизајнираните ситни елементи на и околу браникот му даваат на Renegade сериозен лик.

Гледан од страна, Renegade ја има онаа класична „коцкаста“ Jeep форма – делот околу моторот е масивен, страниците се вертикални а линиите чисти. Ни се допаѓаат и квадратестите форми на отворите за тркалата, како и закосените рабови на стаклата. На задниот дел вниманието го привлекуваат задните светла кои имаат супер-интересна графика и интересна длабочина.

Сè на сè – Renegade едноставно има шарм на претек. Има онаа робустната, груба привлечност на легендарниот Wrangler, но успешно ја препакува во модерно, урбано пакување кое истовремено изгледа одлично како на градскиот асфалт, така и кога е покриен во кал.

Поврзано:   ТЕСТ: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude - Градски фраер!

Компактниот Jeep е сосем добро подготвен и „за теренските работи“

Во кал? Да, да, секако. Renegade ја дели платформата со шармантниот Fiat 500X (нашиот тест можете да го прочитате тука), но оди чекор-два понатаму со теренските системи и способности. Го добивате Selec-Terrain системот на Jeep, кој нуди неколку различни режими на работа – Auto, Snow (за снег), Sand (за песок) и Mud (за кал). Дополнително, нашиот модел дојде со можност да се избере и AWD LOW режим, како и заклучување на диференцијалот. Врв на сè е Hill Descent системот за автоматско симнување по надолнини.

Renegade е оддалечен одлични 198 милиметри од подлогата, има агол на пристапување од 21 степен и агол на заминување од 23.5 степени. Аголот на прекршување, односно максималниот агол на „врв“ кој Renegade може да го надмине е надпросечни 32.1 степени.

Моќен и економичен турбодизел

А сето тоа е уште полесно благодарение на моќниот 2-литарски турбодизел со кој дојде нашиот тестен автомобил. Новиот Multijet турбодизел испорачува 140 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 350 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута, а менувачот е соодветно калибриран за да понуди максимални теренски перформанси.

Сето тоа резултира со „стотка“ за 10.2 секунди и максимална брзина од 182 километри на час. Дополнително, нема да бидете разочарани ни од потрошувачката – за време на неколкудневното тестирање, ние измеривме просечна потрошувачка од околу 7 литри на 100 изминати километри – резултат кој воопшто не е лош, со оглед на „играчките“ со кои беше опремен нашиот Renegade, како и неговите теренски таленти.

Комфорна „Jeep-еста“ кабина со мал милион интересни детали

Ајде сега малку и за кабината. Прегледноста – благодарение на големите и вертикални стаклени површини – е одлична, а „коцкастата“ форма прави Renegade да биде лесен за поставување на патот. Плус, седиштата се супер-комфорни а командите се логично распоредени. Ни се допадна новиот 8.4-инчен UCONNECT мултимедијален уред со навигација, Bluetooth и многу други ситници, а „мерак ни направи“ и моќниот Beats аудио систем.

Поврзано:   Jeep го најавува Wagoneer S - ќе има 600 коњски сили и ќе забрзува „до стотка“ за 3.5 секунди!

Плус, насекаде во кабината има интересни и кул детали – на пример, декоративните елементи околу звучниците изгледаат како предната маска на Jeep, пред совозачот има голема рачка за задржување при теренски авантури, и слично.

Ни се допаѓаат и лесно-достапните копчиња и прекинувачи кои се соодветно димензионирани и едноставно припаѓаат во ваков автомобил. Некои од пластиките се малку потврди, но обично тоа е на места кои нема често да ги допирате – сите површини кои редовно ќе ги допирате се обвиени со материјали кои е прилично фини на допир и привлечно текстурирани.

Сосем задоволителна е просторната понуда и на задната клупа, и покрај фактот дека Renegade е компактен SUV. Лесен е и пристапот, благодарение на големите врати кои широко се отвораат. Плус, поради формата на Renegade, сите патници имаат повеќе од доволно простор за главите. Конечно – малку и за багажникот. Ќе добиете багажен простор со капацитет од  351 литар кои нараснуваат на 1297 литри со спуштена задна клупа, кој пак е достапен преку гооооолема петта врата.

Лесно маневрирање во секакви услови.

Но како е зад управувачот на Renegade? Ние би рекле – навистина комфорно и лесно за возење. Големите, вертикални стаклени површини прават да биде лесен за маневрирање низ град, а паркирањето дополнитело го олесннуваат сензорите и камерата за паркирање. Сите команди се меки и лесни за користење и Renegade едноставно ги покорува урбаните предизвици.

Не е за потценување ниту на отворен пат, каде и покрај прилично големата челна површина, во кабината не е премногу бучно дури ни на „автопатски“ брзини. Новиот, 9-брзински автоматски менувач прилично мазно менува брзини кога возите цивилизирано, а е подготвен да биде поагресивен кога ќе го побарате тоа од него.

Поврзано:   Европскиот Jeep Compass добива пософистицирана автономна технологија

Урбан, воинствен SUV кој удира „над својата класа“

Renegade е вистински урбан воин, кој е подготвен да го напушти асфалтот кога ќе добиете желба за тоа – и да биде успешен во своите авантури. Да, Renegade е мал, компактен SUV каде токму шармот е најсилниот адут, но шарм има навистина многу. Интересни беа реакциите на случаните минувачи и на нашите соговорници – скоро на сите им се допаднаа дизајнот и привлечната боја и сите ни поставуваа разно-разни прашања.

На самиот крај, се наметнува заклучокот дека почнувајќи од привлечниот дизајн, преку малиот милион ситни детали, па сè до надпросечните теренски способности, Renegade е урбан, воинствен SUV за оние кои сакаат нешто малку поинакво.

Забелешка: Во моментот на објавување на овој тест, Jeep Renegade може да се добие промотивно по специјална, акциска цена од 16.990 Евра.

Спецификации

Модел: Jeep Renegade 2.0 CRD 4WD ATX Limited
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 140 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 350 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 9 брзини
0-100 км/ч: 10.2 секунди
Максимална Брзина: 182 километри на час
Должина: 4236 mm
Ширина: 1805 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1684 mm
Тежина: 1540 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2570 mm
Багажен Простор: 351 – 1297 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jeep Renegade 1.0 GSE FWD MT LONGITUDE – 16.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Jeep Renegade 2.0 CRD 4WD ATX Limited – 35.449 Евра
Повеќе Информации: Jeep.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски & CARclub.mk



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.