ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid CULT – Освежен лик и нов моќен погон за популарниот хибриден кросовер – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid CULT – Освежен лик и нов моќен погон за популарниот хибриден кросовер

Со неодамнешното освежување на C-HR, Toyota одлучи на компактниот кросовер да му го даде и новиот, 2-литарски хибрид со 184 коњски сили, а тоа беше одлична причина да поминеме малку време токму со таа изведба.

Хибридниот кросовер на Toyota ни е веќе навистина добро познат. Неколку пати имавме можност да го возиме, а на почетокот на минатата година го имавме и на долгорочно тестирање, кога имавме можност темелно да се запознаеме со неговите таленти.

Токму затоа, кога Toyota објави дека ќе го освежи C-HR, вестите ги следевме со особено внимание. C-HR е вистинска успешна приказна за јапонскиот бренд, не само ширум светот, туку и кај нас, каде хибридниот кросовер најде многу фанови и купувачи.

C-HR секогаш ни изгледал привлечно – а сега има нијанса позрел и пософистициран лик.

Инаку, естетските измени не се екстремни – ќе забележите дека има редизајниран преден и заден браник, рестилизирани предни светлосни групи, како и сменета графика на задните светла, нови дизајни за алуминиумските тркала – и во суштина, тоа е тоа.

Нам C-HR секогаш ни изгледал интересно и привлечно, а со последните освежувања добива нијанса позрел, пософистициран лик, со кој може да биде и своевиден конкурент на Lexus UX.

Минимални освежувања во кабината – главниот збор оди кај новиот, унапреден мултимедијален уред

Нема многу измени ни во кабината – ова е истиот оној добар C-HR со кој на почетокот на минатата година поминавме заедно неколку месеци. Сепак, препознаваме наместа освежени материјали, некои нови детали – и целосно нов мултимедијален уред.

Всушност – токму мултимедијалниот уред беше една од ретките забелешки кои ги имавме на моделот пред фејслифтот – а со новото освежување, C-HR добива темелно модернизиран мултимедијален уред со Android Auto и Apple CarPlay поддршка. Дополнително, инструментите добиваат нов централен дигитален дисплеј на кој се гледаат деталите околу возењето.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Инаку – сето она кое важеше досега за C-HR, важи и понатаму – предните седишта се супер-комфорни, на задната клупа е малку потесно – но има простор за двајца, а багажникот е сосем доволен за намената на C-HR. Сите команди се онаму каде очекувате да бидат, лесно достапни и лесно се учат.

Нов, моќен 2-литарски хибриден погон!

Конечно, да зборуваме за она најважното  – новиот, 2-литарски хибриден погон со 184 коњски сили! За прв пат го пробавме овој погон минатата година во луксузниот Lexus UX, а сега имаме можност повторно да се убедиме во неговите карактеристики токму во C-HR. Хибридниот погон комбинира 2-литарски атмосферски бензинец (кој работи на супер-ефикасниот Аткинсонов циклус) со 152 коњски сили со електромотор кој испорачува дополнителни 109 коњски сили, за да испорача системски 184 коњски сили и 190 Nm вртежен момент.  Силата се пренесува кон предните тркала преку CVT менувач.

Резултатот на сето тоа е спринт до 100 километри на час за 8.2 секунди и максимални 180 километри на час, а вистинскиот талент на C-HR (повторно) се гледа на бензинските пумпи, односно реткоста со која ќе ги посетувате. За време на нашето тестирање, C-HR трошеше ситно над 6 литри бензин на 100 изминати километри во градски услови.

Ова е C-HR во вистинско, најдобро светло!

Ова е C-HR во најдоброто светло. Зошто? Па ако понекогаш имавме забелешка на перформансите на C-HR, со овој погон навистина нема простор за тоа. Перформансите се повеќе од задоволителни, а истовремено добиваме исклучителна економичност. Плус, C-HR и понатаму изгледа супер-авангардно и (барем во нашите очи) привлечно – па сигурни сме дека и понатаму ќе биде популарен модел. Спортските перформанси се само бонус!

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Спецификации

Модел: Toyota C-HR 2.0 Hybrid Cult
Мотор: 2-литарски хибриден погон, 4 цилиндри
Моќност: 184 коњски сили
Вртежен Момент: 190 Nm / 4400 вртежи во минута
Менувач: Бесстепен CVT
0-100 км/ч: 8.2 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4360 mm
Ширина: 1795 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1555 mm
Тежина: 1485 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 377 литри
Потрошувачка: 6.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota C-HR 1.8 Hybrid CENTER – 26.890 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR 2.0 Hybrid Cult B-Tone – 30.321 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.