ТЕСТ: Lexus UX 250h AWD Luxury Premium – Срце, разум, сеедно… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus UX 250h AWD Luxury Premium – Срце, разум, сеедно…

Со новиот UX, Lexus влегува во супер-компетитивен сегмент, во кој веќе доминираат германските конкуренти – но како што е типично за јапонскиот бренд, неговата интерпретација на луксузот е малку поинаква.

Секоја дискусија за било кој модел на Lexus започнува со дизајнот. Барем кога станува збор за дизајнот на моделите на Lexus, едноставно не можете да бидете рамнодушни. Мораме да зборуваме за екстреми – или дизајнот нема воопшто да ви се допадне, или ќе мислите дека е страшно кул и дека изгледа фантастично. Ние припаѓаме во втората група – едноставно мислиме дека сите модели на Lexus изгледаат одлично и несекојдневно.

Дизајнот на UX е комбинација од конфликтни рамнини и површини – но финалниот резултат е спектакуларен

UX го дефинираат остри и чисти линии, и робустни форми. Предниот дел е веднаш препознатлив како Lexus – големата маска на ладилникот и острите светлосни групи асоцираат на поголемите SUV модели на брендот (особено на најголемиот RX) но се изведени во стил кој е самиот по себе уникатен. Особено ни се допаѓа хромираниот дел поставен околу долниот дел на маската на ладилникот, кој на целата предница и дава форма на челуст и остри заби. Дискретна агресивност – но неизбежна.

Слична е приказната и со профилот на UX.  На прв поглед, можеби нема да ја забележите издигнувачката линија во долниот дел од вратите – но кога ќе ја забележите, ќе сфатите дека всушност UX има крајно динамичен профил и дека успешно ги крие формите на конвенционален кросовер.

Можеби најинтересно изгледа задниот дел на новиот кросовер на Lexus. На задниот дел доминира (супер-тренди) едноделното задно светло, а него пак дополнително го истакнува неправилното прекршување на целиот заден дел. Едноставно, целиот UX изгледа како да е некаква комбинација од конфликтни рамнини и површини – но финалниот резултат изгледа навистина привлечно и – повторно ќе поменеме – како ништо друго на улиците.

Со UX, Lexus воведува уште понапреден пристап кон дизајнот на своите кабини

Отворете ја вратата и ќе ве пречека слична приказна – кабината на Lexus UX од една страна изненадува со повеќеслојноста и авангардноста, а од друга страна едноставно плени со врвните материјали и беспрекорната завршна обработка.

Централната конзола е дискретно завртена кон возачот (како што и треба да биде), големиот мултимедијален уред (кој е со супер-висока резолуција и одлични контраст и бои) е поставен на самиот врв и нуди лесен пристап до сите функционалности (но ќе забележиме дека не е толку интуитивен за користење како кај некои од германските конкуренти) преку тач-пед поставен на дното на централната конзола.

Веднаш на дофат се и контролите за аудио-уредот кои се поставени пред централниот наслон – ќе признаеме, малку невообичаено, но кога ќе се навикнете на нив, ќе се запрашате зошто сите производители не го прават тоа.

На задната клупа има исто онолку простор како и кај директните конкуренти – не смеете да очекувате простор како кај поголем SUV, но сепак двајца (или по потреба тројца) патници ќе можат да патуваат прилично комфорно.

Со исправени седишта, багажникот нуди капацитет од 401 литар – што не е воопшто лошо, но некои од директните конкуренти нудат повеќе простор во багажникот.  Сепак, не смееме да забележиме премногу – сепак зборуваме за компактен SUV кој покрај системот за погон на сите четири тркала, крие и електромотори и батерии потребни за хибридниот погон.

184 хибридни коњски сили – кои резултираат со интересни перформанси и исклучителна економичност

Ајде да зборуваме за хибридниот погон. Ознаката UX 250h значи дека вкупната, системска моќност на нашиот тестиран автомобил изнесува 184 коњски сили. Погонот комбинира 2-литарски атмосферски бензинец со електромотор и резултира со изненадувачки динамична испорака на моќноста. Тоа секако се должи и на редизајнираниот CVT менувач кој сега има механичка прва брзина – со што значително се подобрува стартот „од место“ и забележливо е намален „ластик“ ефектот кој е неизбежен кај CVT менувачите. Сето тоа во превод значи забрзување до 100 километри на час за 8.7 секунди и максимални 177 километри на час, проследено со градска потрошувачка која е некаде околу 6.5-7 литри на 100 изминати километри со подинамично возење, односно може да биде и пониска ако сте повнимателни.

Динамичност? Секако!

Изненадувачки, кај Lexus UX можеме да зборуваме за динамичност. Да, да, комбинацијата од динамичност и SUV многу често значи „камен-тврда“ суспензија, но во случајот на UX тоа навистина не е така. UX го следи трендот на трезно размислување на инженерите на Lexus – па добиваме кросовер кој од една страна успева скоро идеално да ги впие нерамнините од нашите улици, а од друга страна има доволно цврста суспензија за да не биде „брод“ кога ќе го насочите во свиоци. Управувањето е изненадувачки прецизно и лесно е да го позиционирате UX на патот.

Нема премногу фидбек низ управувачот – што е и очекувано – но сепак управувањето е директно и прецизно, а UX без посебен приговор ги следи вашите насоки. Во оние моменти кога навистина ќе претерате, UX има тенденција да тежнее кон подуправување, но во истиот момент системот за погон на сите четири тркала ги истакнува своите таленти и можете да почувствувате како задниот дел зема поголема улога. Импресивно.

Многу, многу, многу опрема

Пред да заокружиме, ајде малку за опремата. Нашиот Lexus UX беше во врвното – Luxury Premium – ниво на опрема, а тоа значи: LED предни и задни светла, 18-инчни тркала, сончев кров, кожни седишта, премиум аудио уред, електрохроматски ретровизори, сите можни системи за активна и пасивна безбедност и скоро безброј воздушни перничиња, седишта обвиени во супер-мека кожа, електрично отворање на вратата од багажниот простор, цел куп камери и сензори за паркирање и многу, многу, многу повеќе.

Дали се чувствувате доволно храбри?

И на самиот крај – каков е нашиот заклучок за Lexus UX? Во ред, сосем ни е јасно дека ова не е автомобил за секого – едноставно, не ни може да биде. Ова е автомобил кој се купува само делумно со разум, но многу повеќе со срце.

Треба да го сакате – треба да го сакате дизајнот, да го сакате престижот и пристапот на Lexus кон нештата. На крајот на краиштата, треба да го разберете. Ова не е автомобил за оние кои се конзервативни (но за волја на вистината, ниту еден модел на Lexus не е за таквите) – ова е автомобил за оние кои сакаат екстровертен и храбар дизајн, јапонска интерпретација на луксузот и отстапување од сè друго на патиштата. Се чувствувате доволно храбри?

Спецификации

Модел: Lexus UX 250h AWD Premium Luxury
Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри, хибриден систем
Моќност: 184 коњски сили
Вртежен Момент: 202 Nm
Менувач: Автоматски CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 8.7 секунди
Максимална Брзина: 177 километри на час
Должина: 4495 mm
Ширина: 2078 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1540 mm
Тежина: 1600 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 401 литар
Потрошувачка: 6.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Lexus UX 250h Business – 40.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Lexus UX 250h AWD Premium Luxury – 53.990 Евра
Повеќе Информации: toyota.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.