Lada Niva се продава од сега веќе навистина далечната 1977-ма година – и тоа без радикални промени во дизајнот. Сепак, рускиот производител го одржува својот најпопуларен модел во живот преку континуирани подобрувања.
Интересно е што сега официјалното име на Niva – барем на рускиот пазар – ќе биде 4×4. Визуелните измени не се драстични – фаровите за магла се интегрирани во браникот, додека кабината добива ревидиран клима уред со редизајнирани тунели за воздух – со што ќе се подобар перформансите на клима уредот. Дополнително, зголемен е капацитетот на касетата пред совозачот, а централниот тунел добива два држачи за чаши и мало место да одлагање ситни предмети.
Многу поважни се редизајнираните седишта, кои сега би требало да се покомфорни и добиваат поробустен механизам за преклопување. Секако, ќе добиете и такви супер-модерни додатоци – на пример, електрично задвижување на прозорците и греење на седиштата. Niva и понатаму ќе доаѓа со 1.7-литарски атмосферски бензинец кој испорачува скоро неверојатни 83 коњски сили, кон сите четири тркала, секако. Забрзувањето до 100 километри на час трае глацијални 17 секунди, додека максималната брзина е 142 километри на час.