ПРЕМИЕРА: Porsche го претстави освежениот Macan GTS – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche го претстави освежениот Macan GTS

Освежениот Macan GTS користи 2.9-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 380 коњски сили и 520 Nm вртежен момент – доволно за катапултирање „до стотка“ за само 4.7 секунди!

Од Porsche кажуваат дека Macan GTS е „најспортскиот Macan“ – и кога ќе разгледаме подобро, нема зошто да не се согласиме. Под предниот поклопец се крие 2.9-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 380 коњски сили и 520 Nm вртежен момент – доволно за да го катапултираат спортскиот SUV до 100 километри на час за 4.7 секунди и до максимална брзина од 261 километар на час.

Секако, силата се пренесува кон сите четири тркала, а Macan GTS добива и нова ревизија на PDK менувачот со двојна спојка – и обете работи имаат своја голема улога во одличните перформанси. Дополнително, Macan GTS добива и воздушна суспензија, како и 20-инчни RS Spyder Design тркала. Стандардно доаѓа со 360-милиметарски дискови на предните тркала и 330 милиметарски на задните, но купувачите кои сакаат ќе можат да нарачаат специјално обложени дискови за сопирачките со дијаметар од 390 милиметри на предната оска, односно 356 милиметри на задната оска. Сакате уште помоќни сопирачки? Нарачајте ги карбон-композитните сопирачки со дискови со дијаметар од 396 милиметри на задните тркала, односно 370 милиметри на задните.

Macan GTS стандардно го добива Sport Design пакетот кој доаѓа со поагресивен преден и заден браник, како и спортски странични прагови, црвени шепи на сопирачките и спортски издувен систем. Кабината добива спортски седишта обвиени во Алкантара, спортски управувач и детали од брусен алуминиум. Секако, бидејќи се работи за Porsche, можете да нарачате уште мал милион други ситници.

Ние на почетокот на оваа година имавме можност да го возиме освежениот Macan, но во неговата основна верзија. Погледнете го нашиот тест.

Поврзано:   Porsche претстави две нови E-Hybrid изведби од новата Panamera


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.