full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новата Lada Niva Travel е робустен и издржлив компактен теренец.

Lada Niva Travel  е всушност најновата верзија на робустен теренец кој Lada го произведуваше заедно со GM – но по „раскинувањето“ на GM и легендарниот руски бренд, сега Niva Travel се „враќа дома“.

Моделот беше првично лансиран под името VAZ-2123, а понатаму беше ребрендиран во Chevrolet Niva. Откако General Motors и AvtoVAZ ја прекинаа соработката, малиот теренец се врати под капата на Lada и го доби името Niva Travel.

Производството на Lada Niva Travel започна неделава. Првите примероци кои беа произведени беа од уште потеренската Off-Road верзија која доаѓа со дополнителна теренска опрема – цевки за дишење, перманентен погон на сите четири тркала, пластични заштитни панели, итн.

Инаку, Lada Niva Travel добива и помодерен дизајн со нови дизајнерски елементи – препознаваме LED задни светла, помодерни предни светла, итн. За задвижување на Lada Niva Travel е задолжен 1.7-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 80 коњски сили и 127 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 5-степен мануелен менувач, а перформансите се… Некакви. Забрзувањето до 100 километри на час трае глацијални 19 секунди, додека максималната брзина е 140 километри на час.

Сепак, напоменуваме дека Niva Travel не е замена за легендарната Lada Niva 4×4, па фановите на „оригиналот“ немаат за што да се грижат – тој и понатаму се продава.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.