full screen background image
Search

Jaguar го подмлади спортскиот F-Type со поагресивен изглед и понова технологија

Иако се чинеше дека првата генерација на моделот F-Type се приближува кон крајот на својот животен век, Jaguar вложи труд да го направи уште попосакуван за фановите на спортските купеа и роудстери.

Најголемата измена е направена на предниот дел од автомобилот – каде тие веќе остарениот лик на F-Type e заменет со поагресивно „лице“ со поостри линии. Светлосните групи добиваат нова, вертикално пониска и хоризонтално поширока форма, која наликува на светлата на помалиот XE. Истите се поставени пониско, со што даваат слика како поклопецот на моторот да е поиздолжен.

Предната решетка, заедно со решетките под светлата се со поголеми димензии, додека отворите за вентилација на поклопецот се втиснати навнатре. Измените во задниот дел се сведени на дискретен редизајн на формата и графиката на задните светла.

Во кабината купувачите ќе се сретнат со познат изглед на ентериерот. Сепак, иако поголемиот дел од компонентите остануваат исти, тука е нов 12.3-инчен панел со инструменти, како и мултимедијален систем на допир со Android Auto и Apple CarPlay компатибилност.

Новиот F-Type ќе биде погонуван од цел асортиман на погонски единици вклучувајќи 2.0-литарски четири-цилиндарски турбо-бензински агрегат со 300 кс и 400 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на моделот да забрза од 0-100 км/ч за 5.4 секунди кон максималната брзина од 250 км/ч.

Купувачите кои сакаат повеќе сила ќе можат да одберат 5.0-литарски V8 агрегат, кој со помош на компресор развива 450 кс и 580 Nm вртежен момент. Тој ја испраќа силата кон подлогата преку осум-степен автоматски менувач, кој по желба може да биде усогласен со систем за погон на сите четири тркала. Без оглед на тоа дали е со погон на четири тркала, моделот забрзува од 0-100 км/ч за 4.4 секунди и има максимална брзина од 285 км/ч.

Поврзано:   Освежениот XE пристигна во салонот на Jaguar во Скопје!

За оние кои ја сакаат најжестоката верзија, тука е F-Type R, кој сега располага со 575 кс и 700 Nm вртежен момент. Благодарение на зголемената сила тој може да достигне 100 км/ч за само 3.5 секунди и да се движи со максимално темпо од 299 км/ч.

Двете V8 изведби доаѓаат со нова функција за тивко активирање на моторот. Како што сугерира името, тоа му овозможува на автомобилот да биде активиран без да го разбуди целото соседство. Ова е постигнато со опремување на издувниот систем со електронски контролиран бајпас вентил, кои остануваат затворени при палење.

Под површината, новиот F-Type има значително доработена шасија со нови амортизери, пружини, стабилизатори и спојки, така што ветува дека ќе понуди подобрено и поагилно управување во свиоци.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.