ПРЕМИЕРА: Ferrari Roma e елегантно и спортско купе со 620 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari Roma e елегантно и спортско купе со 620 коњски сили

Италијанскиот бренд го претстави новиот модел Roma, кој се издвојува од останатите модели во палетата со поизразени облини и поблаги линии.

Roma е интересна еволуција на дизајнерските насоки на Ferrari, но сепак оддава почит на минатото. Според Ferrari, дизајнот на новото купе го пресликува безгрижниот и исполнетиот живот во главниот град на Италија во 1950-тите и 1960-тите. Од фотографиите може да се забележи и дека помазните површини, заедно со предната решетка, долгиот поклопец на моторот и издолженото и закосено задно стакло исто така асоцираат на моделите на производителот од таа ера – поточно на моделите 250 GT Berlinetta Lusso и 250 GT 2+2.

Сепак, покрај ретро дизајнерските елементи, новиот модел го карактеризираат модерни одлики како адаптивни LED предни светла со светлечка лајсна која ги дели на два дела и интегрирани рачки во вратите, кои излегуваат на копче. На задниот дел, познатите кружни светла се заменети со четири линии, сместени во иста линија со задниот спојлер.

Во внатрешноста, Roma доаѓа со поелегантен и поопуштен дизајн од актуелните модели на Ferrari. Просторот е визуелно поделен во две „кабини“ одделени со „лебдечка“ централна конзола со уникатен селектор на степените на возење, поделен во три посебни секции.

Под поклопецот се наоѓа 3.9-литарски V8 твин-турбо бензинец кој произведува 620 кс и 760 Nm вртежен момент, кои потоа се испорачуваат кон тркалата преку осум-степен автоматски менувач со двојна спојка. Ова му овозможува на 1,472 килограми тешкиот суперавтомобил да забрза од 0-100 км/ч за само 3.4 секунди. Забрзувањето од место до 200 км/ч трае 9.3 секунди, додека максималната брзина изнесува над 320 км/ч.

Поврзано:   Ferrari 296 GTB на Novitec има 856 коњски сили!

Ferrari не го потврди точниот ден за лансирање на моделот во производство, но изјави дека Roma ќе им понуди на купувачите вистинско уживање и префинетост во возењето.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.