ТЕСТ: Ford EcoSport 1.5 TDCi 125 Titanium AWD – Мал, ама талентиран! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford EcoSport 1.5 TDCi 125 Titanium AWD – Мал, ама талентиран!

Компактниот SUV на Ford ветува многу – а ние се дружевме токму со EcoSport за и самите да се увериме во неговите можности.

Трендот на креирање компактни SUV и кросовер модели не покажува никакви знаци на успорување – купувачите ги бараат ваквите автомобили, а производителите со задоволство им ги нудат. А кога купувачите се подготвени да ги платат – зошто не би ги нуделе?

Новиот Ford EcoSport е таман-на-време новитет во сегментот. Во ред, во ред, Ford го нуди EcoSport веќе неколку години – но ја интензивира продажбата во Европа од неодамна, откако темелно го освежи својот компактен SUV.

И да – EcoSport е вистински SUV. Не е кросовер-кој-сака-да-биде-SUV, туку вистински SUV кој може да се добие со погон на четири тркала, каков што е и примерокот со кој поминавме неколку денови. Поставен е на платформата на Fiesta, но очигледно ги добива типичните SUV-овски модификации – па е подалеку од подлогата и може да добие погон на сите четири тркала.

EcoSport настапува со ненаметлив и привлечен дизајн

Сепак, пред да зборуваме за она што е под кожата, ајде прво за дизајнот. EcoSport има ненаметлив, резервиран дизајн со кој ќе се обиде да привлече повеќе различни групи на купувачи. На предниот дел се наметнуваат големата маска на ладилникот и острите, хоризонтални светлосни групи, како и светлата за магла интегрирани во браникот.

Профилната линија се издигнува како што оди кон задниот дел – а тоа пак резултира со профил кој прави EcoSport да изгледа како да е во движење дури и кога стои. На задниот дел ни се допаѓа дискретниот спојлер, како и интересните, големи задни светла – кои кријат една интересна тајна, но за тоа малку подоцна.

Фановите на Ford ќе препознаат елементи од Fiesta во кабината

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува ентериер кој веднаш ни е познат – фановите на Ford ќе препознаат многу детали од Ford Fiesta. Секако, главното внимание го привлекува големиот SYNC мултимедијален уред. Возачката позиција нуди одлична прегледност – се седи високо, а своја улога имаат и големите стаклени површини.

Поврзано:   Ford Kuga добива освежен изглед и обновен хибриден погон

Ергономијата е сосем добра – сите команди се онаму каде очекувате да бидат и лесни за користење, седиштата се комфорни и нудат сосем доволно странична поддршка – и сè на сè, EcoSport е лесен за секојдневно маневрирање низ градскиот метеж.

На задната клупа има доволно простор за двајца патници. Секако – бидејќи се работи за компактен SUV – EcoSport не е најголемиот автомобил на светот, но двајца патници ќе имаат сосем доволно простор како за главите, така и за колената. Пристапувањето кон задната клупа прилично лесно благодарение на задните врати – а кога сме кај задните врати, да зборуваме малку за петтата врата!

Вратата од багажниот простор се отвора странично наместо нагоре – и тоа е за поздрав, бидејќи е прилично практична одлука – не морате да се истегнувате нагоре при отворање и затворање. А онаа тајна за која зборувавме? Рачката за петтата врата е скриена во десното задно светло! Кога ќе ја отворите вратата од багажникот ќе најдете багажен простор со капацитет од 356 литри, односно 1238 литри кога се спуштени задните седишта (кои патем, се делат во однос 60:40).

Одличен низ градскиот метеж, комфорен на отворен пат, способен кога ќе снема асфалт

Инаку, EcoSport одлично се снаоѓа низ градскиот метеж. Компактните димензии во комбинација со високата седечка позиција и одличната прегледност го прават маневрирањето супер-лесно. Не е за потценување ниту на отворен пат каде бучавоста е пристојно изолирана. Сепак, она кое го издвојува EcoSport од директните конкуренти е можноста да се добие погон на сите четири тркала – а со тоа да се совладаат и не баш незначителни теренски предизвици. Всушност, бевме пријатно изненадени кога го насочивме EcoSport кон предели каде асфалтот е мисловна именка – и малиот SUV на Ford без никаков проблем ги покори.

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Задолжен за задвижување на нашиот тестен автомобил беше 1.5-литарскиот TDCi турбодизел кој во оваа конфигурација испорачува 125 коњски сили и одлични 300 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува кон сите четири тркала преку супер-прецизен 6-степен мануелен менувач. Секако – EcoSport е примарно со погон на предните тркала со цел да заштеди гориво, но кога системот за управуање на погонот ќе забележи дека има потреба од тоа, пренесува одреден дел од силата и кон задните тркала.

Она кое радува е исклучителната економичност на 1.5-литарскиот турбодизел – за време на неколкудневното тестирање, потрошувачката не надмина 6 литри на 100 изминати километри. Тоа дефинитивно е резултат за поздрав! Забрзувањето до 100 километри на час трае 11.3 секунди, а максималната брзина е 180 километри на час.

Многу опрема, одлична безбедност

Конечно, да зборуваме малку и за опременоста. Бидејќи се работи за EcoSport во Titanium ниво на опрема, добиваме еден куп опрема – 16-инчни алуминиумски фелни, LED дневни светла, активни светла за магла, нагодување на управувачот по длабочина и висина, седишта делумно обвиени во кожа, загревање на страничните ретровизори, електрохроматски среден ретровизори, 8-инчен SYNC мултимедијален уред со Bluetooth поврзување, автоматски клима уред, темпомат, кровни носачи и многу, многу повеќе. Секако, ги добивате и сите современи системи за активна и пасивна безбедност, како и многу воздушни перничиња.

EcoSport ги погодува трендовите „во центар“

EcoSport успева да ги погоди „во центар“ барањата на тековните трендови – добивате компактен SUV кој нуди привлечен, ненаметлив дизајн, врвна практичност, сосем задоволителни теренски можности и исклучителна економичност. На сето тоа можеме да ги додадеме опременоста и безбедноста кои им се навистина важни на семејните купувачи – и добиваме компактен SUV кој може да се пофали со многу, многу таленти!

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Спецификации

Модел: Ford EcoSport 1.5 TDCi 125 Titanium AWD
Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 125 коњски сили / 3600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 300 Nm / 1750 – 2000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 11.3 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4096 mm
Ширина: 2057 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1713 mm
Тежина: 1450 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2519 mm
Багажен Простор: 356 – 1238 литри
Потрошувачка: 5.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford EcoSport 1.0 EcoBoost 125 Trend Plus FWD – 17.600 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford EcoSport 1.5 TDCi 125 Titanium AWD – 25.800 Евра
Повеќе Информации: Ford.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.