full screen background image
Search

Започна производството на електричниот Volkswagen ID.3

Првите примероци на електричниот ID.3 од вчера излегуваат од фабриката на Volkswagen во Zwickau, Германија.

Во своето соопштение, Volkswagen кажува дека високо-обучен тим ги склопува првите примероци на електричниот хечбек. Volkswagen ID.3 е поставен на целосно нова платформа, добива современи батериски модули, нов електромотор и мал милион други нови компоненти, кои доаѓаат од Brunswick, Kassel, Salzgitter и Wolfsburg.

Според планот, фабриката на Volkswagen во Zwickau ќе произведе околу 100.000 електрични автомобили во 2020, а од 2021-вата година се очекува таа бројка да достигне до 330.000 електрични возила годишно – односно скоро 1000 електрични автомобили секој ден. Во оваа фабрика ќе се произведуваат шест електрични автомобили поставени на MEB платформата, и тоа за три различни брендови во рамките на Volkswagen групацијата.

„Новиот ID.3 е хај-тек автомобил кој доаѓа од хај-тек фабрика“ – изјави членот на одборот на Volkswagen одговорен за Е-мобилност, Thomas Urlich, и додаде – „Со 1700 роботи, транспортен систем кој нема возачи и целосно автоматизирани процеси, Zwickau нуди современ поглед кон масовното производство на електрични возила. Но на крајот на денот, луѓето кои ќе ги прават овие автомобили се клучни за нашиот успех.“

Вкупната инвестиција на Volkswagen во оваа фабрика ќе биде околу 1.2 милијарди евра, а првите примероци се очекува да пристигнат кај купувачите во Австрија и Германија веќе во Декември, додека остатокот на Европа ќе ги добие своите возила на почетокот на идната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.