Honda потврди дека сите возила кои ги нуди во Европа ќе бидат електрифицирани до 2025, и дека дизелите ќе бидат целосно исфрлени од понудата до 2021.
Honda ги исфрла дизелите со цел да ги исполни строгите стандарди за емисија на штетни гасови. Секако, ова е дел од долгорочниот план на јапонскиот бренд да го зголеми уделот на електричните возила во својата продажба – сега електричните возила се само 10% од вкупната продажба на Honda, но амбициите се две третини од продадените возила да бидат електрични. Honda сака да го оствари овој таргет до 2030-тата година, но веќе од 2025-тата година сите возила ќе бидат електрифицирани.
Според новите таргети поставени од ЕУ, емисиите на CO2 моораат да бидат до 95 грама на изминат километар кај 95% од продадените возила. Од Honda кажуваат дека побарувачката за дизел возила е намалена, и токму затоа е донесена одлуката за елиминирање на дизелските мотори. Дополнително, Honda најави дека варијациите меѓу моделите ќе бидат намалени за една третина – што би требало да ги намали трошоците за производство на глобално ниво за околу 10% – а заштедата ќе биде насочена кон истражување и развој на нови модели.