ПРЕМИЕРА: Volkswagen ја менува играта на електрични возила со ID.3! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ја менува играта на електрични возила со ID.3!

Автомобилот кој некои го нарекуваат „Голф на електричните возила“ ќе започне да се произведува до крајот на оваа година, а првите испораки ќе бидат направени на почеток на 2020.

Новиот Volkswagen ID.3 е поставен на MEB платформата наменет за електрични возила која ја разви германскиот бренд. На самиот почеток ќе се нудат три различни верзии, односно три различни батериски модули – основната верзија ќе биде со батерија со капацитет од 45 kWh која ќе нуди домет од 330 километри, „средната“ варијанта ќе биде со батерија од 58 kWh и домет од 402 километри, додека на самиот врв ќе биде верзијата со батерија од 77 kWh и максимални 550 километри домет.

Инаку, ID.3 е со погон на задните тркала – за тоа е задолжен задно-поставен мотор со моќност од 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Сега за сега немаме официјални податоци ок олу перформансите, но од Volkswagen кажуваат дека максималната брзина ќе биде електронски ограничена на 160 километри на час.

Основниот модел може да се полни на максимални 50 kW, а како опција ќе се нуди и полнење на 100 kW. Средниот модел ќе може да се полни на полначи со моќност од 100 kW, додека врвната верзија ќе овозможува полнење на полначи со моќност од 125 kW.

ID.3 ќе нуди рекордна просторна понуда – меѓуоскиното растојание е слично на ваквото растојание кај Passat – а тоа ветува многу простор во кабината. Инструментите се минималистички и супер-модерни, но истовремено препознатливи за Volkswagen. Пред возачот е поставен еден дисплеј каде се прикажуваат деталите околу возењето, додека на централната конзола има уште еден, преку кој се контролираат функционалностите на автомобилот. Дизајнерите работеле на елиминирање на физичките прекинувачи, па од Volkswagen кажуваат дека само прекинувачите за прозорците и копчето за вклучување на сите четири трепкачи се конвенционални.

Од Volkswagen кажуваат дека над 30.000 потенцијални купувачи веќе го потврдиле својот интерес да купат ID.3. Токму затоа, Volkswagen подготви специјална 1st Edition изведба која ќе се нуди со средниот батериски модул, а стандардно ќе добие навигација, дигитално радио, загревање на седиштата и управувачот и уште многу, многу други додатоци и ситници. Врвната изведба која ќе се нуди на самиот старт се вика VW ID.3 1st Max и добива систем за виртуелна реалност, Beats аудио уред, 20-инчни тркала…

Сите технички детали ќе бидат објавени наскоро, а Volkswagen ветува дека основната верзија ќе чини помалку од 30.000 евра. Како што напоменавме, првите примероци ќе им бидат испорачани на купувачите на почетокот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.