full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: KIA официјално го претстави новиот XCeed!

Со тукушто-претставениот XCeed, KIA ја комплетира гамата на модели од семејството Ceed – и компактниот кросовер е одличен начин да се направи тоа.

XCeed е поставен на платформата на новиот Ceed, но единствен панел кој го делат двата автомобили се само предните врати – па тоа го прави новиот XCeed да биде скоро целосно засебен модел. XCeed е и подолг и поширок од регуларниот Ceed, а истовремено е и цели 42 милиметри поодалечен од подлогата. Тоа го прави кросовер во вистинска смисла на зборот.

Ни се допаѓа и дизајнот – пластичните заштитни панели му даваат на XCeed поробустен лик, а истовремено ќе кажеме дека XCeed изгледа подинамично од Ceed благодарение на скоро купеовската форма. На фотографиите препознаваме и редизајнирани предни и задни светла, како и целосно нови браници. Сè на сè, очекуваме XCeed да биде одлично прифатен кај купувачите.

Пред да зборуваме за кабината, ајде прво за моторите. Основен мотор ќе биде 1-литарскиот T-GDI со 120 коњски сили (кој неодамна го возевме во Ceed Black Pack). Едно скалило над него е 1.4-литарскиот T-GDI со 140 коњски сили, а на самиот врв е 1.6-литарскиот T-GDI со 204 коњски сили. Ќе се нуди и 1.6-литарскиот турбодизел – и тоа во две изведби – со 115 или 136 коњски сили.

Основниот бензинец ќе може да се добие само со мануелен менувач, додека сите други мотори ќе може да се комбинираат со мануелниот менувач или пак 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка. Вреди да напоменеме дека следната година во понудата ќе биде додадена и лајт-хибрид верзија, како и целосен плаг-ин хибрид. XCeed ќе се нуди само со погон на предните тркала. Добива и ревидирана (и помека) суспензија која би требало дополнително да го зголеми комфорот.

Поврзано:   Новите KIA Rio и Stonic Vision пристигнаа во салонот на КИА Моторс

Кабината е многу слична на онаа кај регуларниот Ceed, но XCeed добива можност за жолти детали на некои места, како и новиот дигитален панел со инструменти пред возачот. Ќе можете да изберете меѓу неколку различни материјали за обвивање ка ентериерот – понудата започнува со текстил, а доколку сакате можете да добиете синтетичка – или пак вистинска – кожа. Конечно, зголемен е и багажниот простор, па сега имате на располагање 426 литри во багажникот.

Важно е да напоменеме дека XCeed ќе се нуди само на Европскиот пазар. XCeed ќе се произведува во фабриката на KIA во Словачка, каде веќе се прават и другите модели од Ceed-семејството. Производството ќе започне во Август, а продажбата ќе започне во третата четвртина од оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.