full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari SF90 Stradale – Хибриден супер-автомобил со 1000 коњски сили!

Новиот SF90 Stradale е револуционерен – бидејќи доаѓа со плаг-ин хибриден погон, погон на сите четири тркала и 1000 коњски сили!

Да кажеме на самиот старт – SF90 Stradale е најмоќниот „уличен“ автомобил некогаш направен во Ferrari.

Е сега – ајде за погонот. SF90 Stradale користи 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 780 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Но тој бензинец соработува со три електромотори кои инженерите на Ferrari успеале да ги вградат – еден на задната оска, и два на предната. Во SF90 Stradale тие испорачуваат вкупно 220 коњски сили, за вкупна системска моќност од 1000 коњски сили и 800 Nm вртежен момент.

Моќта се пренесува преку 8-брзински менувач со двојна спојка кон сите четири тркала. За некого ова може да е своевидно богохулие, но инженерите на Ferrari сметаат дека ова е најдобриот начин да се постигнат најдобрите можни перформанси. А тие се? Спектакуларни. Бенчмаркот од 100 километри на час пристигнува за само 2.5 секунди, а максималната брзина е 340 километри на час. 200 километри на час се постигнуваат за само 6.7 секунди.

Бидејќи се работи за плаг-ин хибрид, SF90 може да помине 25 километри на електрична енергија, и на струја да постигне брзини до 135 километри на час. Аеро-компонентите на SF90 Stradale овозможуваат 390 килограми потисок при 250 километри на час, и според Ferrari „поставуваат нови стандарди за ефикасност во улични автомобили со високи перформанси.“

Кабината добива 16-инчен дисплеј со напреден хед-ап дисплеј, а самиот кокпит влече директна инспирација од Ф1, секако. На управувачот има селектор за четири режими – eDrive, Hybrid, Performance и Qualify. Првиот режим е на струја, вториот е хибриден, додека третиот и четвртиот режим се наменети за извлекување на максимумот.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Ferrari 812 GTS е најмоќниот кабриолет во сериско производство!

Со сето ова би помислиле дека SF90 Stradale би бил супер-тежок – но новиот италијански супер-автомобил тежи 1570 килограми – околу 13 килограми помалку од LaFerrari. Продажбата ќе започне во текот на оваа година.

А да, и SF90 е направен за да ја прослави 90-годишнината на Scuderia Ferrari. ;)



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.