ТЕСТ: KIA Ceed 1.0 T-GDI 120 Black Pack – Ceed по наш мерак! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Ceed 1.0 T-GDI 120 Black Pack – Ceed по наш мерак!

Малиот турбо-бензинец тотално го трансформира Ceed – а Black Pack пакетот му дава доза на динамичност и став која одлично му прилега на корејскиот хечбек. Дали токму ваквиот Ceed е најдобрата верзија на Ceed?

На крајот на минатата година поминавме неколку денови со најновата, трета генерација нa KIA Ceed. Првичните впечатоци беа навистина одлични – од модерниот и динамичен дизајн, преку квалитетната кабина па сè до врвната опрема и возните својства – новиот Ceed навистина се наметна како еден од оние автомобили кои не се бираат само со разум – тука и срцето би можело да игра улога.

Сепак – уште тогаш напоменавме дека основниот 1.4-литарски атмосферец остава простор за помоќен мотор. Да, атмосферецот е исклучително економичен, но сепак перформансите кои ги нуди не беа на ниво кое Ceed ги заслужува, a очекувањата се разбирливо високи.

1-литарскиот T-GDI е вистински суперхерој

Токму затоа му кажуваме здраво (Здраво!) на 1-литарскиот T-GDI. Малиот трицилиндерски турбо-бензинец испорачува 120 коњски сили при 6000 вртежи во минута и сосем респектабилни 172 Nm вртежен момент од 1500 па сè до 4000 вртежи во минута.

Како и кај атмосферецот, и тука силата се пренесува кон предните тркала преку супер-прецизен 6-брзински мануелен менувач. Официјалните податоци зборуваат за „стотка“ за 11.1 секунда и максимални 190 километри на час. Сепак, разликите во возење се „ден и ноќ“ – возењето со 1-литарскиот турбо-бензинец е значително подинамично и позабавно – дури би рекле и полесно.

Вистинско задоволство е да се користи и 6-брзинскиот мануелен менувач. А ако помислите дека турбополначот и повеќето коњски сили во однос на атмосферецот ќе значат соодветен „пенал“ кога станува збор за потрошувачката – за време на нашето тестирање ние измеривме просечна потрошувачка од околу 8 литри на 100 километри во градски услови. Притиснете малку повеќе и дури ќе бидете наградени и со интересен звук.

Секако – ова е Ceed кој веќе добро го познаваме – комфорен, одлично опремен и повеќе од компетентен

Инаку, Ceed и понатаму е оној добриот Ceed кој го познаваме. Комфорен, одлично опремен, изненадувачки управлив и сè на сè – повеќе од компетентен во сите ситуации. Black Pack опремата со која беше опремен нашиот Ceed е базирана врз основното – LX Vision – ниво на опрема, но доаѓа со црни 16-инчни алуминиумски фелни и мат-црни странични ретровизори. Во ред, тоа и не е нешто премногу драстично – но сепак доволно да му дадат на Ceed навистина подинамичен, поспортски, помладешки лик. Затоа и не нè изненадија прашањата и коментарите од случајните минувачи – кои сакаа да знаат сè за корејскиот хечбек.

Поврзано:   Kia претстави концепти на електрични комбиња со заменлива повеќенаменска каросерија

Кабината е супер-комфорна и мораме да ја пофалиме одлуката на дизајнерите на KIA скоро целосно да го заобиколат трендот за сјајно-црни површини кои не се ништо друго освен магнет за прашина и отпечатоци од прсти. Прегледноста е одлична скоро во сите насоки, а немаме посебни забелешки ниту за ергономијата, ниту пак за понудата на багажен простор – Ceed нуди багажник од 395 литри со исправени, односно 1291 литар со спуштени задни седишта.

Ceed поставува нови стандарди кога станува збор за основна опрема

Затоа – набрзина само за опремата. Веќе споменавме дека добивате 16-инчни алуминиумски тркала, а добивате и клима уред, електрично задвижување на сите прозорци, задна паркинг-камера, мултимедијален уред со можност за Bluetooth поврзување и екран чувствителен на допир, управувач и менувач обложени со кожа, еден куп акроними за активна и пасивна безбедност и мал милион воздушни перничиња – момците од KIA се обиделе (и успеале!) да постават нови стандарди за она што значи основна опрема.

Ќе завршиме вака – со овој мотор и оваа опрема, KIA Ceed е по наш мерак. Малиот турбо-бензинец не вреска со моќ, но нуди сосем доволно коњски сили за да испорача изненадувачки многу забава зад воланот, а притоа да не биде жеден како маратонец по истрчани 42 километри. Со овој мотор Ceed ги покажува своите вистински таленти, а Black Pack едицијата е одличен бонус!

Спецификации

Модел: KIA CEED 1.0 T-GDI 120 Black Pack
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 120 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 172 Nm / 1500-4000 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 11.1 секунда
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4310 mm
Ширина: 2055 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1447 mm
Тежина: 1222 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 395 – 1291 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: KIA Ceed 1.4 MPi Vision – 13.990 Евра
Цена на тестираниот модел: KIA Ceed 1.0 T-GDI 120 Black Pack – 15.990 Евра
Повеќе Информации: kiamotors.com.mk
Поврзано:   ТУРБО ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI HEV AWD Executive - Поефикасен и помоќен Sportage

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.