ТЕСТ: KIA Ceed 1.4 MPi 100 Advance – Најевропскиот автомобил од Кореја! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Ceed 1.4 MPi 100 Advance – Најевропскиот автомобил од Кореја!

Навистина е импресивно да се гледаат огромните чекори нанапред кои ги прават некои производители – а токму такви се нашите впечатоци од најновата, трета генерација на KIA Ceed.

Третата генерација на KIA Ceed носи многу новитети. Всушност, ново е и името. Да, да, разликата не е голема, но веќе го нема апострофот во името и тееееехнички, тоа значи дека е ново. А и полесно за пишување. :)

Целосно нов дизајн

Значи, новиот KIA Ceed. Покрај новото име, добива и нов, уште поевропеизиран дизајн. Линиите се остри, чисти и едноставни – а тоа е рецепт за дизајн кој и за неколку години ќе изгледа свежо и современо. На предниот дел ни се допаѓаат тенките хоризонталните светла и широкиот отвор за воздух. Страничната линија е покласична, но дизајнерите на KIA успешно го „скриле“ конзервативниот хечбек-облик со опаѓачката линија на прозорците – па Ceed изгледа модерно и динамично. Задниот дел го карактеризираат задните светлосни групи кои користат LED технологија и завршетокот на издувниот систем кој не е скриен како кај некои други производители.

Мораме да бидеме искрени – ни се допаѓа дизајнот на новиот Ceed. Во ред, не е нешто револуционерно, но со новиот Ceed, KIA нуди автомобил кој изгледа европски и нема да ги навреди вкусовите на Европјаните – а бидејќи Ceed се нуди примарно на европскиот пазар, ова е навистина добра одлука. Единствената забелешка која ја имаме се тркалата – би сакале број-два поголеми фелни – тие се секако достапни по нарачка.

Нова, модерна и комфорна кабина

Ја отвораме вратата и нè пречекува слична приказна и во кабината. Ентериерот е сличен на оној кај освежениот Sportage кој неодамна го возевме, но се гледа дека Ceed е неколку години понов модел – па користени се поквалитетни материјали и ергономијата е едно скалило подобра. Навистина ни се допадна и звукот при затворање на вратите – затворањето на вратата кај Ceed звучи како кај германските конкуренти – дури можеби и подобро. 10 поени за KIA!

Поврзано:  Ова е освежената Kia EV6

Пред возачот се поставени јасни и прегледни инструменти. Управувачот е обложен со фина и мека кожа, а истото е направено и со рачката од менувачот. Околу предните седишта има многу места за одлагање ситници, а седиштата во нашиот тестен модел беа убаво профилирани и нудеа повеќе од доволно странична поддршка. Ни се допаднаа и физичките контроли за клима уредот – и сè на сè, немаме посериозни забелешки.

Сосем доволно простор има и на задната клупа. Таму ќе се сместат комфорно двајца, па дури можеби и тројца патници но на пократки релации. Конечно, таа покласичната хечбек форма значи дека добивате и многу простор во багажникот – односно дури 395 литри.

Динамично управување

Во возење, импресионира рафинираноста на новиот Ceed. Суспензијата успешно ги филтрира нерамнините од нашите патишта, без притоа да дозволи Ceed да „плива“ во ниту една ситуација. Всушност, ќе напоменеме дека суспензијата во Ceed е цврста како кај германските ривали – а тоа гарантира позабавно и поуверливо управување. Прегледноста е одлична – барем кон предниот дел. Прегледноста кон задниот дел е малку ограничена заради дебелите Ц-столбови и малиот заден прозорец – но тоа се компензира со паркинг-сензорите и камерата кои се достапни и кај основно-опремената верзија.

1.4-литарскиот MPi не нуди врескачки перформанси, но е исклучително економичен

Нашиот тестен модел беше опремен со добро-познатиот 1.4-литарски MPi атмосферски бензинец, кој ако мораме да го опишеме со еден збор, ќе искористиме зборот компромис. Ова не е мотор од кој не може и не треба да се очекуваат спортски перформанси – 100-те коњски сили се достапни при релативно високи 6000 вртежи во минута, а максималниот вртежен момент од 134 Nm е достапен од 3500 вртежи во минута. Преведено во перформанси тоа значи „стотка“ за 12.6 секунди и максимални 183 километри на час.

Од друга страна, наградени сме со навистина привлечна потрошувачка – во градски услови „нашиот“ Ceed трошеше некаде околу 7.5 до 8 литри бензин на 100 изминати километри – резултати за поздрав. Сепак, било какво подинамично возење бара поентузијастичко пристискање на педалата на гас, „бркање“ високи вртежи и играње со менувачот (кој патем е супер-прецизен), па имајте го и тоа во предвид. Затоа, нашиот совет би бил – седнете во комфорните седишта и возете опуштено – и ќе бидете соодветно наградени со ниска потрошувачка на бензин. Секако, доколку сакате поспортски перформанси можете го изберете 1-литарскиот T-GDI турбо-бензинец кој испорачува 120 коњски сили и 174 Nm вртежен момент, и кој е скоро 2 секунди побрз до 100 километри на час.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Kia EV3 ќе го освојува пазарот со автономија до 600 километри!

Многу, многу опрема

Опремата секогаш била силната страна на KIA, и тоа не е поинаку ниту кај новиот Ceed. Уште во основната верзија ќе добиете клима уред, електрично задвижување на сите прозорци, цела гама на системи за активна и пасивна безбедност како и куп воздушни перничиња, но и мултимедијален уред со Apple CarPlay и Android Auto, USB, AUX и Bluetooth поврзување со мобилен телефон, задна паркинг-камера, потпирач за рака меѓу предните седишта и уште многу, многу други ситници.

Скокнете скалило погоре до второто ниво на опрема и ќе добиете 16-инчни алуминиумски тркала, LED задни светла, електрично преклопување на страничните ретровизори, автоматски клима-уред, како и супер-корисните системи за следење на коловозната лента и систем за автономно сопирање.

И сега, кои се нашите конечни впечатоци за новиот KIA Ceed? Ако пред 10-тина години KIA ја започна својата трансформација со првата генерација на својот хечбек, тогаш со најновата, трета генерација таа трансформација завршува и KIA се наметнува како не само достоен, туку и докажан конкурент на европските брендови. Новиот KIA Ceed е навистина европски модел.

Спецификации

Модел: KIA CEED 1.4 MPI 100 ADVANCE
Мотор:  1.4 литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност:  100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент:  134 Nm / 3500 вртежи во минута
Менувач:  Рачен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч:  12.9 секунди
Максимална Брзина:  183 километри на час
Должина:  4310 mm
Ширина:  2055 mm (со странични ретровизори)
Висина:  1447 mm
Тежина:  1325 килограми
Меѓуоскино Растојание:  2650 mm
Багажен Простор:   395 – 1291 литри
Потрошувачка:  7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел:  KIA Ceed 1.4 MPi Vision – 13.990 Евра
Цена на тестираниот модел:  KIA Ceed 1.4 MPi Advance – 15.990 Евра
Повеќе Информации:  kiamotors.com.mk
Поврзано:  Kia пушти тизер за новиот EV6!

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.