ТЕСТ: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115 – Претставник на трендовите – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115 – Претставник на трендовите

T-Roc е вистински претставник на тековните трендови – компактен кросовер со градски лик кој ветува дека ќе биде вистински бестселер. Прочитајте го нашиот тест и дознајте сè што треба за еден од најпопуларните нови автомобили во сегментот!

Кога еден наш пријател (поздрав Дуле!) неодамна купуваше нов автомобил, неговиот „бриф“ беше од една страна едноставен, од друга страна – па и не толку едноставен. Ни кажа – „ми треба кола, сакам да е како Golf, ама џипчесто, ама да не е Tiguan, многу е голем.“ Во ред – предизвикот е прифатен!

Седнавме – како што тоа обично се прави, нели – во едно скопско кафуле и го направивме муабетот. Некако, муабетот самиот се насочи кон T-Roc. Зошто? Бидејќи ги исполнуваше критериумите на нашиот пријател од „А до Ш“ – тој очигледно сакаше Volkswagen, потоа T-Roc е сличен по димензии со Golf и нуди слична просторна понуда во кабината, а е забележително помал и полесен за справување во градскиот метеж од Tiguan. А да, нашиот пријател инсистираше тоа да биде 1.5-литарски TSI турбо-бензинец – и мислиме дека направи одличен избор.

Главниот акцент во дизајнот на T-Roc е даден на купе-SUV приказната

Е сега.. Сето тоа нè води до T-Roc со кој ние се дружиме неколку денови. Нашиот T-Roc е со 1.6-литарскиот TDI, но во суштина е прилично блиску до она кое го нарача нашиот другар. T-Roc е интересен на лик – лесно се препознаваат семејните детали на Volkswagen, а притоа главен акцент е даден на купе-SUV приказната.

T-Roc е забележително „поодвоен“ од подлогата во однос на конвенционалните Polo и Golf, а паѓачката линија на кровот му дава интересна, купеовска форма. Паметна одлука на дизајнерите на VW е да претераат со кровната линија и да го направат T-Roc непропорционален – и токму тоа и успеале да го направат.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Светска премиера во чест на 50-годишнината - Volkswagen го претстави освежениот Golf 8

Единствено имаме забелешка на релативно малите тркала – Т-Roc е замислен да има и едноставно сака поголеми фелни. Од друга страна, помалите фелни и крофнестите пневматици резултираат со супер-комфорно возење по нашите улици.

Кабината е комфорна, практична и ергономична  – а можете и да ја персонализирате!

Кабината на T-Roc е замислена да биде лесна за персонализирање. Можете да нарачате разно-разни панели во различни бои и сето тоа да резултира со подинамичен ентериер. За жал, нашиот тестен автомобил дојде со конвенционален, црн ентериер.

Тоа и не е некоја особена забелешка – но сепак му прилегаат малку похрабри детали во ентериерот. Инаку, ентериерот ќе биде „како дома“ за сите кои ги познаваат поновите (па и постарите) возила на Volkswagen – лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција (иако може да се седи навистина ниско, ако така сакате), сите команди и контроли се лесни за пронаоѓање, разбирање и користење, а инструментите и централната конзола се „подзавртени“ кон возачот.

Некои од пластиките – како на пример оние на вратите – би можеле да бидат пофини на допир, но сепак во кабината преовладува чувство на солидност и издржливост. Задната клупа нуди сосем доволно простор и покрај опаѓачката линија, а багажникот – доколку правилно го специфицирате вашиот T-Roc – ќе понуди 445 литри зафатнина со правилен и широк отвор на багажниот простор.

Во текот на одбирањето на опремата на новиот T-Roc на Дуле дојдовме до еден интересен заклучок – T-Roc треба да се нарача со погон на предните тркала. Зошто? Едноставно – од една страна ќе го добиете T-Roc за пониска цена, а истовремено ќе добиете пониска потрошувачка – но и значително поголем багажник. Ако го нарачате Т-Roc со погон на сите четири тркала, хардверот кој е потребен за пренесување на силата и кон задните тркала ќе го намали багажникот на 392 литри. Не е многу, но не е ни малку.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Економичен 1.6-литарски TDI

Инаку, 1.6-литарскиот TDI се покажа како сосем доволен за T-Roc – испорачува 115 коњски сили при 4000 вртежи во минута и респектабилни 250 Nm вртежен момент во прилично широк распон – од 1750 па сè до 3200 вртежи во минута. Важно е да се напомене дека ги исполнува најстрогите Euro 6d-TEMP стандарди за чистота, а истовремено е навистина економичен – во град потрошувачката е некаде околу 6 литри на 100 изминати километри. Ниту перформансите не се за занемарување – според официјалните бројки, спринтот до 100 километри на час трае 10.9 секунди, додека максималната брзина е 187 километри на час. Силата ја пренесува – како што напоменавме – кон предните тркала преку супер-прецизен 6-брзински мануелен менувач.

Управувањето е изненадувачки динамично – и тука доаѓа до израз MQB платформата на која е поставен T-Roc и која ја дели со Golf. Нафрлете го T-Roc кон свиок и ќе ве израдува неговата агилност. Во ред, низ управувачот нема премногу повратни информации – но доколку ги сакате, можете да ги добиете преку број-два поголеми тркала, па и преку некоја од поспортските изведби. Она кое вреди да се истакне е комфорот – T-Roc скоро идеално ги „пегла“ нашите улици и не пренесува никакви несакани вибрации во кабината.

Јасно е зошто T-Roc е еден од најпродаваните автомобили во Европа

Кога ќе го земеме сè што кажавме до сега во предвид – лесно е да се разбере зошто T-Roc е веќе еден од најпродаваните автомобили во Европа оваа година. T-Roc успешно комбинира супер-тренди дизајн со практични вредности и модерни мотори. Секако, многумина ќе го „хејтаат“ – но реалноста е дека пазарот не знае за доста кога станува збор за ваквите модели и купувачите бараат токму автомобили како T-Roc. Тоа го прави T-Roc вистински претставник на трендовите и навистина – иден (па дури и сегашен) бестселер!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави и караванот ID.7 Tourer

Спецификации

Модел: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115
Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.9 секунди
Максимална Брзина: 187 километри на час
Должина: 4234 mm
Ширина: 1992 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1573 mm
Тежина: 1395 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2590 mm
Багажен Простор: 445 – 1290 литри
Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volkswagen T-Roc 1.0 TSI 115 – 20.242 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115 – 24.783 Евра
Повеќе Информации: Volkswagen.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.