ПРЕМИЕРА: Audi S6 и S7 доаѓаат со 350-коњски турбодизел со електричен компресор – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi S6 и S7 доаѓаат со 350-коњски турбодизел со електричен компресор

Audi истовремено ги претстави S6, S6 Avant и S7 Sportback – кои во Европа добиваат 3-литарски V6 TDI со 350 коњски сили, а на другите пазари 2.9-литарски V6 твин-турбо бензинец со 450 коњски сили!

S-изведбите на A6, A6 Avant и A7 Sportback ќе ги препознаете по редизајнираните и поагресивни предни и задни браници, големите тркала и многуте ситни детали. Најекстремна реинтерпретација е токму онаа кај A7 Sportback (ние веќе го возевме А7 Sportback минатата година) – која добива значително поизразени отвори за воздух, остри странични прагови и прилично забележителен заден дифузер.

Инаку, особено интересен е новиот мотор кој е задолжен за придвижување на новите S-модели на европскиот пазар. Моторот користи електричен турбополнач за да го елиминира озлогласениот турбо-лаг и испорачува 350 коњски сили и моќни 700 Nm вртежен момент од неговите 3 литри зафатнина и 6 цилиндри. Секако, моќта се пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач.

Резултат од сето ова? S6 TDI забрзува до 100 километри на час за рамно 5 секунди, додека на S6 Avant и S7 Sportback им требаат 5.1 секунда. Сите модели се електронски ограничени на 250 километри на час, а според Audi, новите S-модели би требало да трошат меѓу 6.2 и 6.5 литри дизел гориво на 100 изминати километри. Другите пазари добиваат 2.9-литарски твин-турбо V6 бензинец кој испорачува 450 коњски сили и 600 Nm вртежен момент – истиот мотор кој се вградува во RS5 Coupe.

Инаку, сите модели добиваат рекалибрирано управување, S спортска суспензија (која е 10 милиметри поблиску до подлогата), огромни сопирачки (400 милиметри на предните тркала и 350 милиметри на задните), а ќе може да се добие и воздушна суспензија, супер-секси спортски седишта и уште многу, многу повеќе…

Кој е вашиот фаворит?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.