full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A7 Sportback 50 TDI S-Line – Создаден за голтање километри!

Поминавме ден-два со новиот Audi A7 Sportback – наследникот на автомобилот кој до перфекција ја усоврши формулата за големо купе со пет врати – дали и втората генерација ќе го повтори успехот?

Кога пред неколку години ја возев првата генерација на големиот A7 Sportback, автомобилот го нареков интерконтинентална балистичка ракета – комбинацијата од привлечен (барем во моите очи) дизајн, моќен мотор и одличен ентериер беше повеќе од доволна да се потврди мојот став дека токму А7 е еден од оние автомобилите во кои лесно се минуваат континенти.

Сега, скоро пет години подоцна, еве ме и со новиот А7 – и мора да биде нагласено дека ова е важен нов модел за Audi. Во ред, A7 никогаш не бил најпродаваниот модел на Audi – но не ни треба да биде. А7 е своевиден знаменосец на оние кои го сакаат врвното од Audi, но не сакаат „здодевен“ седан кој доаѓа во форма на A6 или A8. Токму заради ова, инженерите и дизајнерите на Audi одлучија дека новата, втора генерација на големото мега-купе со пет врати ќе биде уште поголема, уште помоќна, со уште повеќе хај-тек играчки и уште подобар талент за трансконтинентални прошетки.

Агресивен дизајн и купеовска линија

Дизајнерски, веднаш стануваат впечатливи новите линии на Audi – на предниот дел доминираат огромната маска на ладилникот, големите хоризонтални LED светла (кои патем, како и задните прават интересен „танц“ при отклучување и заклучување) како и големите отвори за воздух.

Страничната линија е типично купеовска, со опаѓачка кровна линија и дискретен заден спојлер, додека на задниот дел веднаш паѓа во очи „едноделната“ задна светлосна група. Дел од S-Line пакетот се спортските браници, а нашиот тестен автомобил дојде со големи (дури можеби и преголеми) 21-инчни тркала. Единствената забелешка која ја имам на дизајнот се скриените завршетоци на издувниот систем – би сакал тие да беа вистински.

Хај-тек ентериер со сите „играчки“, квалитетни материјали и врвна завршна обработка

Ја отворам возачката врата (која е бесконечно кул бидејќи е без рамка за прозорецот) и се спуштам во возачкото седиште. Првите впечатоци се очекувани – ентериерите на Audi се меѓу најдобрите на пазарот. Седиштата кои се дел од S-Line пакетот за ентериер се спортски и нудат одлична странична поддршка, а истовремено се супер-комфорни. Спортскиот управувач кој е директно пред мене е со зарамнето дно и обвиен во кожа, а сите команди се лесно-разбирливи и достапни. Прегледноста кон задниот дел е малку ограничена, но решение за тоа се паркинг-сензорите и камерите.

Поврзано:   Во живо од Сан Франциско: Премира на новиот електричен Audi e-tron

Ергономијата е одлична – седам комфорно и би можел лесно да поминам часови и илјадници километри тука. Пристапот кој Audi го има кон мултимедијалните функционалности сега е малку изменет – па A7 ги добива истите оние „играчки“ кои ги добива и големиот А8. Тоа значи дека директно пред мене е Audi Virtual Cockpit дигиталната инструмент табла, а на централната конзола се поставени два големи дисплеи кои се чувствителни на допир – горниот е наменет за контролирање на навигацијата, телефонот и мултимедијалните функционалности, а долниот екран е наменет за клима-уредот, контролите за загревањето на седиштата и одбирање на возачки профил.

Дисплеите имаат хаптички „клик“ на притискање, за да знаете дека навистина сте го притиснале она што сакате – и по кратко време стануваат лесни за навигирање и користење. Единствената забелешка која ја имаме е на тенката лајсна од брусен алуминиум која при одредена светлина знае да прави мал одблесок.

На задната клупа има доволно простор – очекувано не колку во А8, но немаме замерки на просторната понуда. Единствено на оние повисоките би можело да им недостасува малку простор за главите – но тоа е цената која треба да се плати за купеовскиот дизајн и опаѓачката кровна линија. На задната клупа е идеално за двајца патници – но по потреба ќе собере и тројца. Возачот и патниците ќе имаат на располагање багажен простор кој во зависност од тоа дали се исправени задните седишта или не нуди капацитет меѓу 535 и 1390 литри, достапен преку голема петта врата која го прави внесувањето и вадењето на багажот навистина лесно.

Одберете дали сакате комфор или динамичност – или оставете го А7 самиот „да си брка работа.“

Она што навистина изненадува кај големиот А7 е мулти-талентираноста – односно, благодарение на воздушната суспензија, А7 може одлично да ја игра улогата на комфорен крстосувач, но и онаа на динамично спортско купе.

Поврзано:   Со новиот R8 LMS GT3, Audi го најавува и освежениот R8!

Одберете го Comfort профилот за возење и суспензијата ќе се подигне неколку сантиметри и системот подготвено ги „пегла“ нерамнините. Возењето е супер-комфорно, дури и по далеку-од-идеалните улици на нашиот главен град. Во ред, некои поголеми дупки и нерамнини се чувствуваат, но комфорот е навистина за поздрав, особено ако ги земеме во предвид 21-инчните тркала.

Од друга страна, префрлете во Dynamic режим и автомобилот ќе се спушти пониско до подлогата и суспензијата ќе стане забележително поцврста. Сега во главен план е управливоста, и големиот А7 изненадува со леснотијата со која ја менува насоката на движење. Тука голема улога имаат и широките спортски пневматици – но без сомнеж, A7 е компетентен кога патот ќе стане кривулест. Нема особена наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување – едноставно го насочувам автомобилот онаму каде сакам да оди и тој послушно ги извршува моите наредби, без оглед на брзината.

Управувањето е прецизно и директно, особено во Dynamic режим, но без премногу информации од подлогата. Дури и во Dynamic режимот на возење серво-управувачот е супер лесен, а благодарение на системот за управување на задните тркала кој го имаше нашиот автомобил маневрирањето е лесно дури и низ градскиот метеж.

На отворен пат A7 е во својот елемент – ова е еден од оние автомобили кои се однесуваат исто како при максималната дозволена брзина, така и многу, многу над неа. Не дека пробавме, искрено, туку, ете, знаеме!

Моќен 3-литарски турбодизел со 286 коњски сили и 620 Nm

Под поклопецот на нашиот A7 Sportback се наоѓа најновата генерација на добро-познатиот V6 TDI турбодизел на Audi. Во оваа конфигурација тој испорачува 286 коњски сили од 3500 до 4000 вртежи во минута и моќни 620 Nm вртежен момент од 2250 до 3000 вртежи во минута. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач и неизбежниот Quattro погон. Преведено во перформанси тоа значи „стотка“ за само 5.7 секунди и максимални 250 километри на час – електронски ограничени, секако.

Потрошувачката – за волку голем автомобил – е подеднакво импресивна. Бидете внимателни со педалата за гас и очекувајте А7 во градски услови да троши некаде околу 10 литри дизел гориво на 100 изминати километри. Ако сте поагресивни таа бројка може да порасне на околу 12-13 литри дизел гориво на 100 километри, но тоа повторно не е премногу ако се земат во предвид големината и тежината на А7 (нашиот тестен модел според спецификацијата тежи 1880 килограми) како и сета опрема која ја има.

Поврзано:   Audi се подготвува за премиерата на електричниот e-tron SUV!

Многу, многу опрема, врвна безбедност.

„Мојот“ А7 беше одлично опремен – покрај стандардната опрема имаше и поголем резервоар за гориво, адаптивна воздушна суспензија, загревање на предните и задните седишта, гооооолеееемите 21–инчни тркала, Bang & Olufsen премиум аудио уред, меко затворање на вратите, сите можни системи за асистенција кои Audi ги нуди, спортски заден диференцијал со управување и на задните тркала и уште многу, многу, многу ситници и не-баш-ситници. Секако, тука се и сите воздушни перничиња и завеси кои се дел од стандардната опрема, а ќе добиете и Audi Front Cross Traffic Assist, Audi Pre-Sense и уште многу, многу други акроними и системи.

Кога сето тоа ќе го земеме во предвид, какви се моите конечни впечатоци од А7? Повторно, Audi во својата гама има автомобил кој успева да ја „погоди“ приказната за големо купе со пет врати – дизајнот можеби нема да биде по сечиј вкус, но нам ни изгледа модерно и несекојдневно, а способноста да голта илјадници километри „во еден скок“ е скоро без конкуренција. Германците – очигледно – не прават грешки.

 

Видео

Спецификаци

  • Мотор: 3-литарски V6 TDI турбодизел, 6 цилиндри
  • Моќност: 286 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 620 Nm / 2250 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 250 км/час
  • Забрзување 0-100: 5.7 секунди
  • Должина: 4969 mm
  • Ширина: 2118 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1422 mm
  • Тежина: 1880 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2926 mm
  • Багажен простор: 535 – 1390 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 10.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Audi A7 Sportback 50 TDI quattro Tiptronic – 79.136 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Audi A7 Sportback 50 TDI quattro Tiptronic S-Line – 117.249 Евра
    Повеќе информации: Audi.mk

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.