ТЕСТ: Jaguar XF Prestige 20d AWD – Има нешто посебно кај британскиот престиж… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar XF Prestige 20d AWD – Има нешто посебно кај британскиот престиж…

XF е точно во средина во понудата на Jaguar – под него е помалиот XE, над него е голеееемиот XJ. Тоа го става XF во интересна ситуација – треба да се докаже дека е „златна средина“ во рамките на британскиот престиж – и токму затоа поминавме малку време со него.

Кога пред неколку години за прв пат седнавме зад воланот на XF, рековме дека токму овој модел е Чекор Погоре. Што точно значеше тоа? Значеше дека XF не само што треба да привлече постоечки купувачи нa Jaguar, туку истовремено да се бори и со навистина докажаните и етаблирани „Германци“. Неколку години подоцна, до каде е таа приказна? Jaguar се подготвува да го освежи XF кон крајот на оваа година (веќе го освежи помалиот XE), а германците „на големо“ претставија целосно нови генерации на своите модели – нови генерации кои на овој или оној начин се директен одговор на она кое Jaguar го наметна пред неколку години со високите технологии и алуминиумската платформа.

XF сè уште е еден од најубавите автомобили во класата

И каде е сега Jaguar XF во целата таа приказна? Па, сèуште е можеби најпривлечниот автомобил во класата. Теееенките и широки предни светла и маската на ладилникот над која гордо стои знакот на Jaguar, ниската силуета и елегантниот заден дел формираат слика за достоинствен, што би рекле постарите – господски – автомобил кој истовремено (барем во нашите очи) изгледа онака… Секси!

Плус, одлично му прилега оваа едноставна, сребрена боја – да, некои ќе речат дека е можеби малку здодевна, но не е – големиот британски седан изгледа како да е рачно извајан од парче алуминиум. Job well done!

Во кабината се седи ниско, спортски…

Кабината го издржала тестот на времето – па при отворање на вратата нè пречекува елегантен и комфорен ентериер. Седиштата се супер-комфорни и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција а сите контроли веќе добро ги познаваме – не сме прв пат во Jaguar, а пред само неколку месеци го возевме и XE, со кој XF дели многу компоненти во кабината. Многу нис е допаѓа дека седењето е ниско и спортски, и одлично одговара со профилираните седишта.

Користените материјали во кабината, како и завршната обработка се на она ниво на кое очекуваме да бидат – сепак тука зборуваме за премиум, престижен автомобил. Некаде длабоко можеби ќе налетате на некоја поцврста пластика – но да бидеме искрени, тоа воопшто не е некаква замерка. Вреди да ги истакнеме деталите како кружниот контролер за менувачот кој излегува нагоре кога ќе го стартувате автомобилот, како и отворите за вентилација кои автоматски се затвораат и кријат кога ќе го изгасите. Кул, кул детали!

На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца – па по потреба и тројца – патници, кои ќе уживаат во еднаков комфор како возачот и совозачот. За пофалба е аголот на наслонот на задната клупа – тука лесно можат да се поминат стотици, па и илјадници километри. Секако, доколку сакате да поминете толку многу километри ќе ви треба и багажен простор – а тука Jaguar XF нуди 540 литри капацитет.

Моќен и економичен турбодизел, автоматски менувач, погон на сите четири тркала

Конечно, моторот. И овој пат добивме Jaguar XF опремен со нов Ingenium турбодизел кој испорачува 180 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 430 Nm вртежен момент од 1750 до 2000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала (со изразена, јасно-дефинирана преференца кон задната оска) преку 8-брзински автоматски менувач со потекло од ZF. Сето тоа значи дека XF е импресивно динамичен, дури подготвен да заигра кога ќе го побарате тоа од него. Исто како и кај XE – и кај XF би побарале барем уште 100-тина коњски сили за уживањето да биде максимално.

Седаните на Jaguar имаат некоја посебна приказна!

Но сепак, на крајот на денот – XF мораше да „си оди дома“ а јас морав да се разделам од британецот. И повторно морам да зборувам за оноа дека моделите на Jaguar имаат некоја своја посебна приказна… Не е лесно точно да се објасни каква, но има зошто негативците во филмовите многу често возат Jaguar. Едноставно, нивната силуета, нивниот став, нивниот кул-фактор… Сето тоа ги прави да бидат безвременски, привлечни и… Престижни.

Спецификации

Модел: Jaguar XF Prestige 20d A8 AWD
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 430 Nm / 1750-2500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.5 секунди
Максимална Брзина: 222 километри на час
Должина: 4954 mm
Ширина: 2088 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1457 mm
Тежина: 1696 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2960 mm
Багажен Простор: 540 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jaguar XF Pure –
Цена на тестираниот модел: Jaguar XF 20d Prestuge AWD A8 – 77.600 Евра
Повеќе Информации: macedonia.jaguar.com

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.