full screen background image
Search

Opel се враќа во Русија – ќе започне и локално производство

GM го повлече Opel од Русија во 2015 по тамошната криза на автомобилскиот пазар и наглиот пад на руската Рубља – но PSA сега го враќа Opel со три нови модели кои ќе се прават во фабриката на PSA токму во Русија.

„Русија е голем, стратешки важен и привлечен пазар со многу потенцијал“ – изјави претседателот на Opel, Michael Lohnscheller. Германскиот бренд ќе ги произведува големиот Grandland X, како и Zafira Life и Vivaro Transporter комбињата во фабриката на PSA во Калуга, јужно од Москва.

Планот на PSA е продажбата на Opel да започне со 15 до 20 дилери во поголемите градови, но мрежата на дилери би се удвоила во следните неколку години. Сето ова е дел од амбициозниот PACE план кој Carlos Tavares го претстави во Ноември 2017. Планот најавува дека PSA сака 10% пазарен удел во глобалните продажби, како и 20 нови пазари до 2022. Ова е нов момент за Opel, бидејќи германскиот бренд беше „зауздан“ во рамките на GM за да не пречи на продажбата на други брендови на големиот американски гигант. Рускиот пазар е особено интересен и важен – оваа година се очекува да бидат продадени 1.87 милиони возила – раст од импресивни 3.6% во однос на минатата.

Веќе е најавена нова фабрика во Намибија наменета за автомобили кои ќе се продаваат во Јужна Африка, а нови импортери и продажни мрежи се очекуваат во Либан, Тунис, Мароко, Украина и Чиле.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.