full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Jaguar го освежи XE со подинамичен стајлинг, нов луксузен ентериер и нови технологии

Со затегнат и уште подинамичен стајлинг, темелно освежен ентериер и грст нови технологии, Jaguar ќе се обиде да привлече нови купувачи кон одличниот XE.

Освежувањата започнуваат со предниот дел кој добива уште позатегнати предни светла, нови поголеми отвори за воздух и затегнати линии. Измените продолжуваат кон задниот дел кој добива потенки LED задни светла, но и поспортски линии во задниот браник. Оние кои сакаат уште подинамичен лик можат (и препорачуваме) да го нарачаат R-Dynamic пакетот кој вклучува темни решетки на ладилникот и специјални тркала.

Инаку, сега Jaguar ветува дека кабината на освежениот XE „е темелно подобрена за да понуди подобра практичност и можности за одлагање ситници, повеќе комфор и повеќе простор.“ XE добива нов управувач, како и нов Touch Pro Duo инфозабавен систем со 5.5-инчен дисплеј под главниот уред. Дополнително, XE може да се нарача со 12.3-инчен инструмент-панел пред возачот како и нова ClearSight паркинг камера. Веќе ја нема кружната рачка од менувачот (која беше навистина многу, многу кул), туку сега го добиваме менувачот од спортскиот F-Type.

Освежениот XE може да се добие со еден од чистите и ефикасни Ingenium мотори. 2-литарскиот Ingenium турбо-бензинец може да се добие со 250 или 300 коњски сили – и ознаките се P250 и P300, соодветно. Оние кои сакаат дизел можат да го нарачаат 180-коњскиот турбодизел кој ја носи ознаката D180. Овој мотор може да троши само 4.9 литри на 100 изминати километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.