Audi во Женева ќе го претстави Q4 E-Tron концептот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi во Женева ќе го претстави Q4 E-Tron концептот

Електрификацијата зема сè поголем замав кај Audi – во Женева ќе ја видиме премиерата на Q4 e-tron концептот со кој германскиот бренд ќе најави електричен купе-SUV.

По револуционерниот e-tron кој го претстави во Сан Франциско (на чија премиера отидовме и ние), како и супер-секси седанот со името e-tron GT, Audi за во Женева подготвува уште една електрична премиера – Q4 e-tron.

Со концептот тие всушност ќе претстават уште еден автомобил кој е блиску до сериско производство – тие кажуваат дека сериската верзија ќе пристигне кон крајот на следната година. Со Q4, тие ќе претстават купе-SUV кој треба во хиерархијата на брендот да дојде некаде меѓу поконвенционалните Q3 и Q5 (ние го возевме новиот Q5 минатата година). Скиците откриваат дека можеме да очекуваме интересна интерпретација на тековниот дизајнерски јазик на Audi во комбинација со интересна, купеовска силуета.

Немаме никакви информации ниту за погонот, но можеме барем да претпоставиме дека ќе го користи истиот погон кој се користи и кај поголемиот e-tron. За овој погон ние веќе пишувавме во детали – во моментов е еден од најнапредните на пазарот. Сепак, кај помалиот член на семејството најверојатно ќе испорачува нијанса помалку сила. Нема никакви информации дали Q4 e-tron ќе се нуди и како конвенционален модел со мотор со внатрешно согорување или некаков хибрид – но сето тоа ќе го знаеме наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.