Maserati Levante Vulcano – италијаните навистина знаат соодветно да именуваат автомобили. Овие три зборови звучат фасцинантно комбинирани еден со друг – дури и изговорени со ужасна имитација на италијански јазик.
Maserati Levante е првиот SUV на престижниот италијански производител кој е најпознат по своите луксузни спортски лимузини и суперкупеа. Овој SUV изгледа навистина добро дури и денес, неколку години по официјалното деби, но тоа не ги спречува дизајнерите на Maserati во слободно време да смислуваат лимитирани верзии на Levante. Овој пат, тоа е Levante Vulcano, кој ќе постои во само 150 примероци на некои европски и азиски пазари.
Ќе може да се нарача само во мат сива, Grigio Lava боја, во комбинација со Nerissimo пакетот кој зацрнува некои екстериерни детали. Бандажи со 5 краци, Brembo сопирачки како и фабрички затемнети стакла го комплетираат надворешниот изглед.
Во внатрешноста може да се избере црн кожен ентериер со црвени шевови и логоа, или црвен кожен ентериер со црни шевови и логоа. Стандардна опција се сјајната карбонска централна конзола како и карбонските детали на тапацирите.
LED Matrix фарови и LED задни светла, предни и задни паркинг сензори, меко затворање на вратите, B&W аудио систем и греени и вентилирани седишта се дел од стандардната опрема на Maserati Levante Vulcano. Цена? Од 96.000 евра, па нагоре.