ТЕСТ: BMW X4 xDrive 20d M-Sport – За оние на кои анонимноста не им е приоритет – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X4 xDrive 20d M-Sport – За оние на кои анонимноста не им е приоритет

Баварците самите го создадоа купе-SUV сегментот – и самите ги поставуваат правилата кај овие автомобили. Дали новиот X4 ќе ја продолжи приказната на минатата генерација, и уште поважно – дали е попривлечен од конвенционалниот X3?

Кога зборуваме за модели со некаква Coupe-SUV форма, користиме зборови како „неконвенционален“, „несекојдневен“ и „различен“. Во ред, можеби за некои тоа е политички-коректен начин да се избегне користење на негативни атрибути кога се зборува за овие автомобили – но мораме да признаеме – BMW навистина постави нови правила кога пред 10-тина години го прикажа големиот X6.

Фановите на BMW (и автомобилските новинари) негодуваа. Коментираа дека X6 не е „вистински SUV“, дека помалиот X4 не е „вистински SUV“… А за време на сето тоа, BMW освои сосем нов пазар, привлече сосем нови купувачи и веќе со години задоволно ги трие рацете. Очигледно, нивните инженери и дизајнери знаат нешто што можеби јавноста сè уште не може баш да го разбере.

Директен резултат на сето тоа е новата, втора генерација на BMW X4. Исто како и минатата генерација, и оваа генерација е базирана врз соодветниот X3 – а тоа значи дека ја користат истата платформа, и во суштина, барем до средината на автомобилот – X3 и X4 се исти. X4 ја користи суспензијата од M3 M-Sport, која е дополнително доработена да одговара на понискиот автомобил, но и намаленото растојание од подлогата – и сето тоа резултира со… Навистина интересен SUV.

Различностите меѓу X3 и X4 започнуваат меѓу предната и задната врата – но X4 има свој сопствен идентитет

Како што рековме – разликите меѓу X3 и X4 започнуваат некаде меѓу предната и задната врата. Кровната линија опаѓа со прилично остар агол и резултира со заден дел кој има сосем засебен идентитет. Ако се прашуваме ние, задниот дел на X4 изгледа интересно – ни се допаѓаат тенките хоризонтални светла, а масивниот заден дифузер дополнително го намалува визуелниот впечаток за висина. Можеби нема да ви се допадне, но X4 дефинитивно нема да ве остави рамнодушен. Сликата за SUV (односно, според BMW – SAV) со сериозни спортски амбиции дополнително ја истакнуваат M-Sport браниците и страничните прагови, како и голеееемите 20-инчни тркала.

Поврзано:   Manhart MH5 900 е тјуниран BMW M5 со 915 коњски сили!

Како што и очекуваме, кабината е скоро идентична со онаа кај X3 – но тоа значи дека ги добиваме истите врвни материјали, фантастичната завршна обработка и чувството дека се работи за скап автомобил. Во рацете ни е убавиот M-управувач обвиен во кожа, спортските седишта нудат одлична странична поддршка, и – ако го исклучиме релативно високото седење кое е карактеристично за еден SUV од равенката – чувството е дека седиме во спортски автомобил.

Секако, имаме забелешка за прегледноста, но тоа е цената која се плаќа за формата на X4. Дополнително, опаѓачката кровна линија малку го отежнува влегувањето и излегувањето низ задните врати, но штом ќе седнете – во X4 има повеќе од доволно простор и на задната клупа. На располагање ќе имате и 525 литри багажен простор, достапни низ голем и широк отвор на багажникот.

Докажан турбодизел – 8 секунди „до стотка“, максимални 213 километри на час

Под поклопецот на „нашиот“ BMW X4 се крие добро-познатиот 2-литарски турбодизел на BMW, кој во оваа конфигурација испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. Во комбинација со 8-брзинскиот автоматски менувач и xDrive погонот на сите четири тркала, вака конфигурираниот X4 може да забрза до 100 километри на час за само 8 секунди и да постигне максимални 213 километри на час – сосем коректно за автомобил кој тежи 1740 килограми. Бидете внимателни со педалата за гас и потрошувачката во градски услови може да биде и само 8.5 литри на 100 изминати километри.

Динамичност кога сакаме, релаксираност кога тоа го бараме

Но како се однесува X4 во возење, прашувате? Тука е „џокерот“ на X4. Едноставно – X4 се однесува помалку или повеќе како спортски автомобил. Нема ниту нагласено навалување во свиоци, ниту пак големиот SUV тежнее кон подуправување кога возите подинамично – всушност, кога ќе бидете малку повесели со брзината, задниот дел на X4 е подготвен да „заигра“. Па тука човек може и да се забавува!

Од друга страна, кога ќе префрлите во комфорен режим – или пак во Eco Pro – X4 се трансформира во комфорен, цивилизиран и рафиниран крстосувач. Седиштата (со греење) се супер-комфорни, клима-уредот ќе ја одржува вашата идеална температура а звучната изолација ќе се погрижи да немате несакана бука од надворешноста.

Поврзано:   BMW ги покажа новите Серии 5 и i5 Touring

Haters gonna hate, но X4 е за похрабрите

На крајот на денот, каде припаѓа X4? Да, haters gonna hate, но токму тоа е дел од привлечноста на ваквите автомобили. Ваквите модели не се наменети за оние повлечените, туку се наменети за оние кои сакаат да бидат видени и забележани. Оние кои се – на свој начин – малку похрабри. Ова не е автомобил за сите, и не ни треба да биде. На самиот крај, да го одговориме прашањето кое самите го поставивме – дали X4 е попривлечен од конвенционалниот X3? На некој свој храбар начин – да, секако.

Спецификации

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 213 км/час
  • Забрзување 0-100: 8 секунди
  • Должина: 4752 mm
  • Ширина: 1918 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1621 mm
  • Тежина: 1740 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2864 mm
  • Багажен простор: 550 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на стандардниот модел: BMW X4 xDrive 20d – 57.900 Евра
  • Цена на тестираниот модел: BMW X4 xDrive 20d M-Sport – 77.940 Евра
    Повеќе информации: BMW.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.