Jaguar слави 70 години од првиот спортски модел – претставени Chequered Flag и Rally верзиите на F-Type – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar слави 70 години од првиот спортски модел – претставени Chequered Flag и Rally верзиите на F-Type

Изминаа 70 години откако XK 120, првиот спортски модел на Jaguar го доживеа своето деби. Во чест на 70 годишнината, Jaguar претстави две нови верзии на актуелниот спортски модел во својата понудуа – F-Type. Првата е Chequered Flag, која ќе влезе во сериско производство, додека другата е F-Type Rally, моментално изработена во два примероци за промоциски цели.

Базиран на F-Type R, овој специјален модел носи видливи измени: црн кров кај купе верзијата, висококвалитетен кожен ентериер со вшиени детали, централна конзола со изглед на брусен алуминиум, како и црвена лента на воланот која најчесто се наоѓа во тркачките автомобили. Пакет со црни екстериерни детали е стандарден во Chequered Flag верзијата, додека SVO (Special Vehicle Operations) прагови за визуелно проширување на автомобилот и црвени „клешти“ на кочниците се детали кои додаваат на спортскиот впечаток.

Изборот на мотори е помеѓу 2.0 Ingenium и 3.0 V6 бензинските агрегати, додека помоќниот мотор може да се избере и со погон на сите тркала.

F-Type Rally автомобилите се исто така претставени за да оддадат почит на „NUB 120“, рели верзијата на XK 120 која во 1950-тите години доживеала бројни успеси на рели сцената. Двете F-Type Rally возила се кабриолети и се погонувани од 2.0 Ingenium бензинскиот мотор. Модифицирани се за да ги задоволуваат FIA стандардите под будните очи на Jaguar Design and Engineering тимот.

Повисокото подвозје со рачно изработени амортизери, систем за кочење со 4-клипни клешти, безбедносен кафез, тркачки седишта како и безбедносен појас со 6 точки на врзување се некои од промените, но оние кои се највпечатливи се четирите светла прицврстени за предната хауба, како и тркалата и пневматиците кои се по рели спецификација.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.