full screen background image
Search

ПАРИЗ 2018: Toyota Camry доаѓа во Европа со хибриден погон и 218 коњски сили

Најновиот Camry доаѓа во Европа – замената за Avensis ќе биде придвижувана од хибриден погон кој испорачува вкупно 218 коњски сили и троши само 4.2 литри на 100 километри!

Хибридниот погон на Camry комбинира 2.5-литарски четири-цилиндерски мотор и електромотор за вкупна системска моќност од 218 коњски сили. Немаме точни информации за распределбата на моќта, но според официјалните податоци кои ни ги кажаа од Toyota, можеме да очекуваме потрошувачка на бензин од само 4.2 литри гориво на 100 изминати километри, и емисија на штетни гасови од само 98 грама CO2 на изминат километар.

Инаку, европскиот Camry добива Hi-LED предни светла, а дизајнот ни е веќе познат. Она што ќе го добиеме е конвенционална седан форма, но со интересен, јапонски пристап кон нештата. На предниот дел доминираат големите отвори за воздух и хоризонталните предни светла, а на задниот дел најзабележливи се големите задни светлосни групи.

Во ред, ова не е некаков супер-екстремен дизајн, но тоа и му прилега на големиот седан. Во кабината забележуваме јасни инструменти и голем централен мултимедијален уред, но и многу богата опрема и многу нови технологии – меѓу кои и 10-инчен Head Up дисплеј пред возачот.

Camry треба да пристигне во европските авто-салони за само неколку месеци, па и ние ќе имаме можност подобро да го запознаеме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.