DS3 Crossback на DS дивизијата на PSA е кросоверот со кој оваа дивизија ќе се обиде да ги одвлече купувачите од германските конкуренти и да им понуди француска алтернатива.
Дизајнерите на PSA го опишуваат дизајнот на DS3 како „дистинктивен скулптурен стајлинг“ – и ние секако ќе се согласиме дека е навистина различен од скоро сè што се нуди на пазарот. На предниот дел се истакнува големата маска на ладилникот, околу која се поставени DS Matrix LED Vision предните светла и вертикалните дневни светла. Интересни се и пластичните заштитни панели, но најзабележлив детал е можеби „брановидниот“ елемент кај Б-столбот.
Во ред, веднаш ќе признаеме дека дизајнот е контраверзен, но од друга страна DS3 Crossback не наликува на ништо друго кое би го виделе на улиците – едноставно, изгледа како концептен автомобил кој директно од скиците е пуштен во сериско производство – а храброста потребна за таква одлука е за поздрав.
Кабината добива дигитални инструменти плус голем, 10.3-инчен дисплеј за инфозабавниот систем и Head-Up дисплеј. За аудиофилите тука е аудио системот од Focal кој има дури 12 звучници. Во зависност од изведбата, кабината може да добие детали од алкантара, може да биде обвиена во скапа Nappa кожа или во други интересни материјали.
DS3 Crossback ќе се нуди со конвенционални бензински и турбодизел мотори, но нам најинтересен ни изгледа електричниот погон кај DS3 Crossback E-Tense. Оваа изведба доаѓа со електромотор кој испорачува 136 коњски сили и 260 Nm вртежен момент – доволни за забрзување до 100 километри на час за 8.7 секунди. Уште поважна е автономијата од 300 километри според WLTP. Секако, ќе се нудат и конвенционални мотори – PureTech бензинци со 100, 130 и 155 коњски сили, како и BlueHDI турбодизел со 100 коњски сили.
Официјалниот старт на продажбата ќе се случи на почетокот на следната година.