full screen background image
Search

Opel Grandland X добива 1.6-литарски турбо бензинец со 180 коњски сили од PSA

Германскиот бренд ја зголеми палетата на мотори кои се вградуваат во Grandland X со додавање на 1.6-литарскиот четири-цилиндарски турбо-бензинец.

Преземен од PSA групацијата, моторот доаѓа со директно вбризгување и испорачува 180 коњски сили при 5,500 вртежи и 250 Nm вртежен момент при 1,750 вртежи во минута. Според Opel, новиот целосно алуминиумски PureTech агрегат има директен одзив на педалата за гас и му овозможува на Grandland X да забрза од 0-100 км/ч за 8.0 секунди, но и да постигне максимална брзина од 222 км/ч. Истиот ќе биде усогласен со осум-степена автоматска трансмисија.

Што се однесува до екологијата, новата погонска единица му помогнува на Grandland X да има ниска емисија на штетни издувни гасови благодарение на нов GPF систем за третирање на бензинските честички. Како резултат, тој ги исполнува идните Euro 6d-TEMP стандарди. Потпомогнат од старт-стоп системот, Grandland X 1.6 PureTech ќе конзумира просечно 5.7 литри бензин на 100 километри. Оваа бројка е пресметана според новиот WLTP циклус и конвертирана во стариот NEDC стандард за полесна споредба. Сепак, ова се исклучително позитивни резултати кои говорат за ефикасноста на францускиот мотор.

Купувачите ќе можат да го селектираат новиот мотор со врвното Ultimate ниво на опрема, кое доаѓа со 19-инчни двобојни фелни, кровни шини во сребрена боја, ергономски премиум седишта, кожни елементи, Denon аудио систем, како и многу системи за асистенција на возачот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.